МВР ги откри лицата од инциденотот во „57-ца“

Министерството за внатрешни работи ги откри лицата кои изминатиов период извршија неколку насилнички напади во автобус на линијата 57. Едно од трите откриени лица кои се возраст од 18 и 19 години и претходно е пријавувано за насилство на истата автобуска линија. Во двата напади кои се целосно расчистени и документирани жртвите беа малолетници на возраст од 15 и 17 години кои се превезувале на релација од населбите Козле до Радишани.

Вчера, 03.09.2014 година, Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, со кривична пријава во ОЈО-Скопје ги предаде лицата Б.Б.(18) и И.Е.(19), поради постоење основано сомнение дека во два наврати сториле кривично дело „Насилство“ предвидено и казниво по член 386 од КЗ на РМ и лицето И.И.(18) поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „Насилство“ предвидено и казниво по член 386 од КЗ на РМ.

Имено, пријавените Б.Б. и И.Е. на 10.08.2014 година околу 02:40 часот во автобус на ЈСП со број „57“ кој сообраќал на релација од населба Козле до населба Радишани, на ул.„Христијан Тодоровски Карпош“ во непосредна близина на автобуска постојка кај поранешна албанска амбасада, пријавените лица најпрво грубо го навредувале лицето Ф.Б.(15), а потоа го удирале со боксови и клоци во пределот на главата и телото, со што му ја загрозиле сигурноста, а кај присутните лица предизвикале чувство на страв, загрозеност и несигурност.

Исто така на 31.08.2014година околу 01,40 часот во автобус на ЈСП со број „57“ кој сообраќал на истата релација, во непосредна близина на автобуска постојка кај поранешна албанска амбасада, тројцата пријавени лица најпрво грубо го навредувале лицето Х.К.(17), а потоа и го удирале со боксови во предело на стомакот, со што му ја загрозиле сигурноста, а кај присутните лица предизвикале чувство на страв, загрозеност и несигурност.

Од страна на Алфа единицата лицата се лишени од слобода, а за извршеното кривично дело како и за лицата лишени од слобода, известен е Јавен Обвинител кој присуствуваше на препознавање на истите од страна на оштетените.

Од страна на судија во претходна постапка на на трите лица им е изречена мерка притвор во траење од осум дена.
Инаку, против пријавениот Б.Б. од страна на СВР-Скопје е поднесена кривична пријава под сомнение за сторено КД „Насилство“ извршено на 04.05.2014 година во автобус на ЈСП број „57“ на улица „Цветан Димов“, а за пријавениот И.Е. од страна на СВР-Скопје е поднесена кривична пријава под сомнение за сторено КД „Прикривање“ во 2012 година.

Во првите 6 месеци од годинава на подрачјето на Скопје регистрирани се 49 случаи на насилство. Од нив, 41 случај е целосно расчистен и документиран за што се пријавени 105 лица. Од пријавените, 49 лица биле полнолетни, 52 малолетни, а 4 биле деца.