МВР ги откри местата каде се криеле цигарите при шверц од Бугарија

Министерството за внатрешни работи, односно Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, продолжи со активностите за целосно расчистување и документирање на криминалoт на организираната група криумчари, која беше разоткриена на почетокот на месецов, поточно на први април, во обид нелегално да пренесат поголема количина цигари од Р.Македонија во Р. Бугарија.

Во рамки на продолжението на акцијата откриени се местата, односно гаражите каде што биле полнети возилата со цигари. На тие места биле вршени и модификациите на возилата за да бидат сокриени цигарите, а при преземените дополнителни дејствија утврден е и начинот на работење како и хиерархиската структура на оваа група. Освен овие факти важни за натамошната постапка, откриени се и одземени и дополнителни количества цигари подготвени за криумчарење во соседна Бугарија.

Досега МВР до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против седум лица на возраст од 22 до 30 години, од кои петмина од Крива Паланка а по еден од село Драмче, делчевско и село Копаница, кривопаланечко. Тие се сомничат за кривичните дела – “злосторничко здружување“ и “криумчарење“.

Судија за претходна постапка на петмина од пријавените им изрече мерка притвор во траење од по 30 дена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.