Македонија,Крими хроника

МВР го расчисти случајот со кафе-бар „Гаџа“

МВР го расчисти случајот со кафе-бар „Гаџа“

СВР Скопје го расчисти и документираше инцидентот кој пред една недела се случи во кафе-бар „Гаџа“ во Старата скопска чаршија и до надлежното Основно јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава против М.К.(22) од Скопје поради основано сомнение дека извршил три кривични дела и тоа едно ,,Насилство“ и две ,,Тешки кражби на дрзок начин“, како и против Ф.Д.(21), Ј.А.(19), М.И.(20) и Р.М.(22) за извршено кривично дело „Насилство“.

Имено, на 04.10.2014 година околу 23.15 часот на улица ,,Казанџиска“, поточно во кафебар „Гаџа“ лоциран во Стара Скопска Чаршија, осомничените лица извршилe насилство, на тој начин што истите прво почнале расправија со оштетените бидејќи не биле пуштени во локалот без да платат влезници. Горепријавените ги нападнеле оштетените удирајќи ги со боксови и клоци во пределот на главата и телото со што им се нанесени видливи телесни повреди.

Додека траел нападот првопријавениот успеал да ги грабне и двете машки црни чанти од оштетените кои ги носеле на себе. Во едната имало две банкноти по 500 евра, 12000.00 денари, еден клуч од ПМВ и една патна исправа, а во другата имало 1750 евра во разни апоени. Потоа сите горепријавени лица со стаклени шишиња почнале да фрлаат кон оградното стакло на локалот кое го искршиле и по кратко време истите заминале со такси возило во правец на населба Топанско Поле, поточно во амбуланта Викторија каде откако ги одзел паричните средства, првопријавениот украдените машки чанти ги фрлил на кровот од наведената амбуланта.

По неколкудневна истрага, утврден е идетитетот на осомничените и истите се лоцирани и приведени. Во службените простории на ПС од ОН Битпазар извршен е службен разговор со горепријавените лица во кој истите го појаснуваат кривично правниот настан, а првопријавениот во целост го појаснил и одземањето на чантите со наведените предмети. Исто така во службените простории, оштетениот и еден од сведоците на настанот извршија непосредно препознавање т.е соочување со осомничените лица во кои истите ги препознаа како сторители на кривичното дело случено во „Гаџа“ бар во Стара Скопска Чаршија.

Инаку, против дел од осомничените и претходно се поднесувани кривични пријави од областа против животот и телото и имотните деликти и тоа: против М.К. во 2014 година поднесена е една кривична пријава; против Ф.Д. од 2012 до 2014 година поднесени се три кривични пријави; против Ј.А. од 2011 до 2014 година поднесени се две кривични пријави, додека М.И. и Р.М. не евидираат во казнената евиденција.