МВР и УЈП извршија контрола во 28 објекти

Министерството за внатрешни работи заедно со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, по претходно изготвен план, во изминативе два дена продолжија со спроведувањето акциски контроли во угостителските објекти на подрачјата на полициските станици Битола, Прилеп, Ресен, Македонски Брод и Демир Хисар, при што извршена е контрола во 28 објекти.

Ова се резутатите од заедничката акција:

На подрачјето на ПС Битола, извршена е контрола во ноќен клуб „Расчекор“, ноќен клуб „Перон“, кабаре „Давидов“, кабаре „Лектира“, кабаре „Ѕиу“, ресторан „Жежо“, ресторан „Роки кај Цане Боксеро“, ресторан „Триангл – кај чупињата“, ресторан „Слатка Малинка“ и гостилница „Реванш“, при што издадени се вкупно четири покани за наплата на глоба и 79 проверки на идентитет. Во кабаре „Давидов“ и кабаре „Лектира“ беше констатирано непочитување на Законот за заштита од пушење, а во кабаре „Лектира“ беа затекнати 7 малолетници после 24:00 часот, од кои кај 6 малолетници беше констатирано присуство на алкохол. Од страна на инспекторите од УЈП и ДПИ, на правното лице кабаре „Давидов“ изречена му е парична казна од 2.500 евра во денарска противредност и мерка забрана за работа во траење од 15 дена поради неиздавање на фискални сметки за извршениот готовински промет, парична казна од 2.000 евра во денарска противредност и мерка забрана за работа во траење од 15 дена поради непочитување на забраната за пушење и парична казна од 1250 евра во денарска противредност на одговорното лице во правното лице. Во кабаре „Лектира“ констатирани се неправилности непочитување на Законот за заштита од пушење и неистакнување на лиценца за вршење на угостителска дејност „Кабаре“, меѓутоа поради недостаток на потребната документација, мерките ќе бидат изречени дополнително. На ресторан „Триангал – Кај чупињата“, гостилница „Реванш“ и кабаре „Ѕиу“ изречена им е мерка парична казна од 1.200 евра за правното лице, како и 300 евра на одговорното лице во правното лице за сторени прекршоци од Законот за угостителска дејност. Во останатите објекти не се констатирани неправилности.

На подрачјето на ПС Прилеп, извршена е контрола во ноќен клуб „Даниелс“, ноќен клуб „Престиж“ и ноќен клуб „ВИП“ во Прилеп, „Кај Муфит“ и „Суки“ во село Лажани, како и кај „Цаневци“ и „Еџевит“ во село Дебреште, при што издадени се вкупно седум покани за наплата на глоба, шест платни налози по ЗППЈРМ, извршени се две проверки на идентитет, а три лица се приведени. При контролата беше констатирано непочитување на Законот за заштита од пушење и присуство на две малолетни лица во ноќните клубови „Даниелс“ и „Престиж“, а од страна на инспекторите на УЈП во ноќниот клуб „Даниелс“ изречена е забрана за работа во траење од 30 дена поради немање на фискален апарат и неиздавање на фискални сметки. При извршената контрола во с. Лажани и с.Дебреште, утврдено е дека објектите биле затворени односно не работеле, а во останатите објектите не се констатирани неправилности.

На подрачјето на ПС Ресен, извршена е контрола во кебапчилница „Синан Компани“, кафе бар „Таверна“ , гостилница „Оаза“, ноќен клуб „ Frame “ и кафе бар „Из Голд“, при што извршени се три проверки на идентитет. Од страна на инспекторите од УЈП, на правното лице, ќебапчилница „Синан Компани“ изречена е парична казна од 2.500 евра во денарска противредност и мерка забрана за работа во траење од 15 дена поради неиздавање на фискални сметки за извршениот готовински промет и парична казна од 750 евра во денарска противредност на одговорното лице во правното лице. При контролата на останатите објекти не беа констатирани неправилности, додека кафе барот „ИЗ Голд“ во моментот на контролата бил затворен, односно не работел.

На подрачјето на ПС Македонски Брод, извршена е контрола во кафе бар „Пот Чука“ лоциран во с.Пласница, кафе бар „Кардинал“ и кафе бар „Фрст“ во Македонски Брод, при што не е констатирано непочитување на Законот за заштита од пушење цигари. Од страна на инспекторите од УЈП и ДПИ, во кафе бар „Пот Чука“ изречена е парична казна од 2.500 евра во денарска противредност и мерка забрана за работа во траење од 30 дена, поради прекршоци од Законот за регистрирање на готовинско плаќање, Законот за угостителска дејност и Законот за трговски друштва. При контролата во с.Пласница, констатирано е дека објектот бил затворен, односно не работел.

На подрачјето на ПС Демир Хисар, извршена е контрола кафе бар „Конект“, мезе бар „Ивана“ и ресторан „Калц 2007“, при што не е констатирано непочитување на Законот за заштита од пушење цигари. Од страна на инспекторите од УЈП и ДПИ, на Мезе бар „Ивана“ изречена е парична казна од 2.500 евра во денарска противредност и мерка забрана за работа во траење од 30 дена, и парична казна од 750 евра во денарска противредност за одговорното лице во правното лице, поради прекршок од Законот за регистрирање на готовинско плаќање, на правното лице Мезе бар „Ивана“, изречена е глоба во износ од 1.200 евра за правното лице и 300 евра за одговорното лице во правното лице и на Ресторан „Калц 2007“ изречена е парична казна во износ од 1.200 евра за правното лице и 300 евра за одговорното лице во правното лице, за работа без категоризација.

Оваа акциска контрола е продолжување од контролата спроведена на 22.01.2015 година на територијата од СВР Битола, со која беше извршена контрола во 16 угостителски објекти. Во три од нив беа констатирани неправилности во работењето и беа констатирани прекршоци по разни основи, а вкупната глоба за правните и одговорните лица достигна до 5250 евра во денарска противредност.