МВР има фоторобот за убиецот на Дилавер Бојку, но нема осомничен

МВР интензивно трага по убиецот на Дилавер Бојку Леку кој вчера пукал пред полна плажа, а неколку лица веќе се повикани на информативен разговор.

Од извори во истрагата, 24 вести дознава дека веќе е направен опис на сторителот и активно се пребаруваат локации, но уште нема осомничен.

Министерството за внатрешни работи трага по машко лице на возраст од околу 30 години, слабо развиен, а висок до 170 сантиметри. Напаѓачот на Бојку бил облечен во темна маица со кратки ракави, темни кратки пантолони и темни летни сандали на нозете. На главата носел бела летна капа и темни очила за сонце.

Напаѓачот се упатил во непознат правец, а полицијата трага на локации на кои би можел да се наоѓа. Во текот на денот најавено ледат повеќе детали за убиството на струшкиот таканаречен „бос на проституцијата“.

Убиецот на контроверзниот струшки бизнисмен Дилавер Бојку – Леку засега е недостапен за полицијата. Тој е во бегство и по него интензивно се трага. Од полицијата денеска излегоа со детали за вчерашното убиство. Во моментот на настанот, Бојку бил во друштво на уште едно лице. Во него бил испукан еден куршум кон главата.

Она што е констатирано по увидот е дека врз сега починатиот стрелал еден човек, значи еден човек го извршил делото. Пукал од непосредна близина од огнено оружје и веднаш избегал од местото на настанот. По него се упатиле две лица со цел да го фатат и да го задржат се до доаѓањето на полицајците, но при тоа осомничениот и можниот сторител и кон него испукал два куршуми и потоа избегал“, се навеува во послемната изјава на портпролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Полицијата веќе повикала неколку лица на информативен разговор, но не се соопштува дали можеби една од причините за убиството е крвната одмазда како што се шпекулира во Струга.

Полициските службеници преземаат мерки кои треба да ги утврдат причините. За нас е важно да се пронајде можниот сторител и во разговор со него да се утврдат вистинските причини. Сè друго е шпекулација“, додава Димоски.

Инаку, Леку во јавноста беше познат како балканскиот крал на проституцијата. Во 2003 година избега од затворот во Струга каде лежеше затвор за организирање проституција. Тогаш американската влада дури понуди и награда од 10.000 долари за информација што би помогнала тој да биде пронајден. Набрзо после бегството беше приведен во Црна Гора од каде се спремал да побегне во Бразил и беше екстрадиран назад во Македонија. Истата година беше осуден на 3 години и 8 месеци затвор.