МВР: Кадетите добија негативни безбедносни проценки

Од Министерството за внатрешни работи експресно реагираа по денешниот протест на 40-ина кадети, кои бараа објаснување зошто не биле примени на работа, иако според приправниците, МВР десет дена молчело на нивните прашања.

Во врска со денешниот протест на дел од кандидатите за полициски службеници (приправници) со кои не е потпишан договор за работа, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека во текот на процесот на прием и обука на избраните кандидати беа воочени сериозни неправилности кои биле направени при подготовката на безбедносната проценка на кандидатите, велат од МВР.

Притоа, констатирано е дека 37 од кандидатите за полициски службеници кои беа на обука добија негативни безбедносни проценки. Ова е спротивно на начелата за професионално и легалистичко работење и нивниот евентуален ангажман ќе значи прекршување на законските одредби за засновање на работен статус во Министерството, но истовремено и подривање на безбедносниот систем.

Истовремено, започната е и постапка за утврдување на одговорноста за направените пропусти, велат од МВР.

Претходно кадетите рекоа дека од 609 кандидати, само 565 кадети биле повикани да потпишат договори за вработување, а останатите не биле повикани, иако не биле ниту последни на ранг листата, ниту им фалеле бодови.