МВР: Македонија e единствена земја во регионот рангирана во групата ТИЕР 1

„Република Македонија со години наназад е единствена земја од регионот која во глобалниот Извештај на американскиот Стејт Департмент за состојбите со трговијата со луѓе е рангирана во групата ТИЕР 1 – држави кои што целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе.“

Ова денеска меѓу другото го истакна државниот секретар во МВР и национален координатор за борба против трговија со луѓе,  Анастасија Илиеска на отварањето на Втората регионална работилница на тема “Размена на искуства при транспонирањето и имплементацијата на европското законодавство во областа Борба против трговија со луѓе” што се одржа во Клубот на пратеници во Скопје.

Инаку на настанот освен претставници од Република Македонија присуствуваат и национални координатори за борба против трговија со луѓе на Црна Гора, Србија и Косово, претставници на Национална комисија на борба против трговија со луѓе на Албанија, државни секретари при Министерствата за внатрешни работи на земјите од регионот како и претставници на Германското друштво за соработка (ГИЗ) со чија помош и поддршка се оствари Работилницата.

Денес и утре во рамки на работилницата претставниците на земјите од регионот ќе ги споделат своите искуства во однос на приближувањето на политиките, ќе го споделат знаењето како и експертиза и добри практики за имплементација на законодавството на ЕУ во однос на трговијата со луѓе и илегалната миграција, бидејќи ова прашање не претставува само национален проблем со кој се соочува една земја, туку прашање за кое можат да се постигнат добри резултати само со регионална соработка.