МВР не ги почитува законите и колективниот договор

Независниот Синдикат на Полицијата утре ќе одржи прес конференција пред Министерството за внатрешни работи, на која што ќе бидат изложени моменталните состојби во полицијата. Според синдикатот, веќе 10 години униформираниот дел на полицијата нема добиено ниту едно парче униформа. И порај ветувањата за набавка на нова униформа и давањето на конкретни датуми од страна на министерството, тендерите за набавка на униформа неколку пати се поништуваат.

Од наша страна беа направени неколку обиди за институционално решавање на проблемите и подобрување на условите за работа, но за жал не наидовме на разбирање. Продолжува традицијата со која униформа за полицијата не се набавува. Со тоа што неколку пати се поништуваат тендерите, кај нас почнува да се буди сомнеж дека тоа се прави свесно за нова униформа воопшто да не се набави. Условите за работа во полицијата секојдневно се отежнуваат. Можеме да ги забележиме полииските службеници како со панцири на кои што одамна им е истечен рокот на важност и пушки постари од 30 години ги чуваат полициските станици, велат од НСП.

Од синдикатот се незадоволни од ново воведеното седумчасовно работно време, со кое што грубо се крши законот за работни односи и колетивниот договор.

Полициските службеници се буквално секој ден на работа без слободен ден, а не ретко се случува да бидат ангажирани и по 2 пати во текот на денот. Со ваквиот начин на организирање на смените нив целосно им се ограничува приватниот живот и не им се остава време дури да го исперат и она парче полициска униформа што го сочувале. Укажуваме дека како и сите други институции и МВР е должно да ги почитува законите, колективниот договор и подзаконските акти. Бараме полициските службеници веднаш да почнат да се третираат како сите останати работници, затоа што и тие се луѓе со фамилии и имаат право на приватен живот. Смените да бидат организирани во согласност со законот и колективниот договор како и веднаш да биде набавена нова униформа по основ на итна и неодложна потреба, велат од НСП.