Македонија

МВР објавува конкурс за обука на пилоти за хеликоптери

МВР објавува конкурс за обука на пилоти за хеликоптери

Министерството за внатрешни работи ќе прима 12 пилоти во хеликоптерската единица во Министерството.Преку овој конкурс за првпат на најтранспарентен начин ќе се реализира прием на пилоти, што на долг рок ќе значат надминување на кадровските проблеми и ќе станат елита во полицијата.

„Согласно насоките на нашите меѓуанродни партнери, за првпат во историјата ќе бидат селектирани најдобрите кандидати кои практично од нула ќе бидат обучени за пилотирање на хеликоптерите со кои располага Министерството.Обуката која е прилично скапа ќе биде најсовремена која во моментов ја практикуваат најразвиениите земји, а избраните кандидати ќе стекнат знаење не само на основните, туку и на специфичните вештини за пилотирање на хеликоптерите во посебни услови,“ изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Со конкурсот е предвидено да се вработат шест извршители со средно и шест извршители со високо образование. Образованието не е пресудно, така што од МВР очекуваат да се пријават повеќе кандидати.

„Тие треба да бидат државјани на РМ, да бидат полнолетни, не постари од 25 години доколку се со средно и максимум до 30 години доколку аплицираат со високо образование.Да бидат здравствено и физички способни, да не имаат изречено забрана за вршење на професија, дејност или должност со правосилна пресуда,“ истакна министерката.

Заинтересираните кандидати ќе може да аплицираат во сите осум Сектори за внатрешни работи, а во Скопје тоа ќе можат да го направат во полициските станици во Гази Баба, Бит Пазар и Карпош. Кандидатите ќе можат да аплицираат и електронски.

Јанкулоска исто така потенцираше дека самата фаза на селекција е исклучително долга и ќе трае повеќе месеци, според најновите меѓународни стандарди за избор на пилоти. По бројните тестови, оние 12 кандидати кои ќе покажат најдобри резултати, следните 19 месеци ќе бидат сместени во касарната „Страшо Пинџур“ во Центарот за обука на пилоти. Откога ќе го добијат сертификатот, ќе бидат распределни на работното место, пилот на полициски хеликоптер.

„Сигурна сум дека овој конкурс ќе значи чекор до остварување на сонот за многу млади и ние очекуваме голем одзив со оглед на можноста да станат дел од единицата која има голема традиција и која претставува врв во полицијата,“ изјави Јанкулоска.

Конкурсот ќе биде објавен утре на 25 јанури и ќе трае 28 дена од денот на официјално објавување во дневниот печат.