МВР откри 88 илегални мигранти, кривична за 11 лица кои ги криумчареле

Министерството за внатрешни работи изминативе денови реализираше девет случаи на криумчарење мигранти во кои се поднесени кривични пријави против 11 лица од кои двајца државјани на Грција, еден српски и еден бугарски државјанин, а за сторено кривично дело “криумчарење мигранти“.

Притоа, откриени се и 88 странски државјани, од кои 50 се сириски државјани, 23 лица се од Авганистан,  13 од Сомалија и двајца од Гана.

На осум од пријавените им се одредени мерки притвор, за тројца во траење од по осум дена, а за другите петорица во траење од по 30 дена.

Во првиот случај кривично пријавени се П.П.(43) од Гевгелија и И.С.(34) од Скопје поради тоа што во организација на засега непознато лице од Скопје, прифатиле и се обиделе да извршат превоз на 22 илегални мигранти (20 сириски државјани и двајца мигранти од Гана), од Гевгелија до Куманово. По претходен договор со непознатото лице од Скопје, И.С. со товарно возил влекач марка “Ивеко“ со приколка, кое го обезбедило од истиот, се упатил кон Гевгелија, каде го оставил камионот и се вратил со друго возило кон Скопје. После неколку дена И.С. телефонски бил повикан од непознатото лице дека камионот е натоварен и да оди до Гевгелија, да го земе и да го пренесе товарот до одреденото место на подрачје на Куманово. И.С. се упатил кон Гевгелија, а откако го земал камионот, стапил во контакт со П.П. од Гевгелија, кој со своето возило се движел како чистач на одредено растојание пред камионот и го информирал навремено за полициски патроли на патот. Во близина на селото Мрзенци на патот од Гевгелија кон Скопје, од страна на полициска патрола запрено е возилото „Ивеко“ и при контрола се откриени мигрантите.

Во вториот случај кривично е пријавен Д.С.(53) од Скопје возач во скопска такси компанија којшто за сума од 50 евра требало да пренесе тројца илегални мигранти (двајца од Сирија и еден од Авганистан) од Транспортниот центар во Скопје до село Лојане кумановско. Од страна на полицијата на локалниот пат Куманово – с.Лојане во близина на железничка пруга кај село Речица било сопрено возило марка “форд фокус“ со скопски регистарски таблички управувано од пријавениот Д.С. во кое биле тројцата илегални мигранти.

Во третиот случај на автопатот Куманово – Табановце кај напуштена бензинска пумпа од страна на полицијата бил направен обид за запирање на возило марка „фолксваген голф“ со грчки таблички управувано од кривичнопријавениот А.Ц.(26) од Солун, во кое се превезувале петмина сириски илегални мигранти. Пријавениот при легитимирањето ги оставил мигрантите, се дал во бегство, но набргу во близина на Неготино е фатен и приведен. Според изјавите на илегалните мигранти тие илегално влегле во Македонија во близина на граничниот премин “Богородица“, каде што преку непознато лице договориле превоз до Куманово за сума од 200 евра по човек.

Потоа во четвртиот случај кривично е пријавен Д.Л.(34) од Скопје кој што исто така во близина на село Речица, кумановско, бил запрен од страна на полицијата во обид со “Форд Транзит“ со скопски таблички да пренесе петмина сириски државјани до селото Долно Коњаре за сума од 50 евра.

Во петиот случај Б.Ш.(34) од Прешево, Србија со возило “фолксваген пасат“ со кумановски таблички прифатил четворица сириски државјани, но во близина на село Удово возилото со мигрантите е сопрено од страна полицијата. Судија на претходна постапка на Б.Ш. му одреди мерка притвор во траење од осум дена.

Во шестиот случај од страна на полицијата во близина на Неготино откриени се 22 илегални мигранти од Авганистан, односно членови на четири семејства во кои девет биле деца на старост од една до 15 години, кои што со возило марка “Форд Транзит“ со струмички таблички управувано од пријавениот Д.А.(30) од Куманово требало да бидат пренесени до границата со Србија. На пријавениот од страна на Судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Во седмиот случај кривично се пријавени К.М. (45) од Гевгелија и А.М.(36) бугарски државјанин за кои Судија од претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена. Имено, од страна на полициски службеници при контрола и извршен претрес на возило “Волксваген Голф“ со скопски таблички управувано од првопријавениот во кое што бил заедно со второпријавениот како сопатник, во предната фиока во возилото е пронајдена бугарска сообраќајна дозвола од возило “Фолксваген Транспоретер“. Од направената контрола утврдено е дека со тоа возило управувано од непознато лице и оставено на локалниот пат Демир Капија-Неготино се превезувале 21 лице илегални мигранти од кои осум сириски и 13 сомалиски државјани, со намера да бидат превезени до Србија.

Во осмиот случај на автопатот во правец Неготино-Велес на даден светлосен сигнал за запирање џип марка „Волво“ со грчки ознаки, управувано од кривично пријавениот грчки државјанин К.Ј.(55), истиот нагло ја зголемил брзината и продолжил да се движи во правец кон Велес, но по еден километар полицијата успеала да го сопре возилото во кое се наоѓале тројца сириски државјани кои илегално ја минале македонско-грчката граница со намера да стигнат до Србија. Од страна на Судија на претходна постапка на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.

И во последниот деветти случај на автопатот Е-75 Гевгелија – Скопје поточно кај исклучокот за Гевгелија од страна на полицијата било забележано возило марка „Фолцваген Голф – 4“ со скопски таблички управувано од пријавениот Р.Б.(28) од село Брест, скопско. При обид да биде сопрен, пријавениот го запрел возилото и се дал во бегство по нивите во правец на река Вардар, скокнал во реката, но по кратко време од страна на полицијата бил извлечен од реката. Во возилото биле откриени тројца сириски илегални мигранти, а на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.

Сите откриени мигранти по направените разговори и проверки се префрлени во Прифатниот центар за странци во Скопје.