МВР откри скопски дилери на дрога во рамки на акцијата „Мрежа“

Во рамки на оперативната акција „Мрежа“ МВР откри дилери со марихуана и хероин подготвени за улична продажба.

Во првиот случај поднесена е кривина пријава против дваесет и осумгодишниот М.К. од Скопје кој неовластено произведувал и продавал марихуана. Тој од засега непознато лице од земјава, набавил поголема количина марихуана, која ја препакувал за улична продажба. Утврдено дека пријавениот, марихуаната најчесто ја продавал од својот дом во Кисела Вода или во непосредна близина на неговиот дом. Полицајци од Единицата за недозволена трговија со дрога, постапувајќи по добиеното сознание, во непосредна близина на домот на пријавениот, легитимирале и извршиле личен преглед на четири лица, кај кои се пронајдени и одземени четири паковки со марихуана. Извршен е и претрес и во домот на пријавениот, при што се пронајдени и одземени 88 паковки марихуана (вкупно 175,62 гр.) за улична продажба, една поголема ќеса со наркотична дрога марихуана (290 гр.), една дигитална вага и 68.000 денари во разни апоени, а М.К. е лишен од слобода.

Во вториот случај, поднесена е кривична пријава против Х.А.(36) и З.Х.(32), двајцата од Скопје, кои исто така продавале наркотични средства и им е одреден притвор во траење од по 30 денови.

Првопријавениот во април, од засега непознато лице, купил неодредена количина на хероин која ја препакувал за улична продажба и заедно со неговата пријателка второпријавената, со која живеат во Гази Баба, истата ја продавале на уживатели и тоа најчесто во нивниот дом или ја разнесувале со возило на претходно договорени места на подрачјето на градот.

При рутинска контрола на патник во такси возило Алфите пронашле една полиетиленска паковка во која имало поголема доза на хероин. Лицето е лишено од слобода и предадено во Единицата за недозволена трговија, каде полициските службеници утврдиле дека 4, 12 хероин приведениот ги купил од домот на  пријавената за 5.000 денари.

Извршен е претрес во домот на пријавените при што се пронајдени и одземени 214,49 грама хероин, спакуван во 49 паковки за улична продажба и 99 грама смеса од парацетамол и кофеин, која се користи за мешање со хероинот. Осомничената е приведена и по изречената мерка од Судија на претходна постапка предадена е за издржување на 30-дневен притвор, додека првоосомничениот, кој при претресот се наоѓал во болница на укажување помош од зависности од дрога, по препорака на одговорен лекар мерката притвор ќе ја издржува во арестантско одделение во Клинички центар.