МВР: СДСМ ги блокира граѓаните за личните документи

МВР секогаш дежурало и ќе продолжи да работи со несмален интензитет, дури и на самиот ден на изборите, како и во изминативе 20 години, за да се осигура дека нема да остане ниту еден граѓанин кој заради изгубен или истечен документ нема да може да го оствари своето право на глас, се вели во пишаната реакција на МВР на прес-конференцијата на СДСМ.

„Прв пат во историјата на независна Република Македонија стануваме сведоци на политички притисок од страна на една партија за блокирање на граѓаните и веќе воспоставената пракса за издавање на лични документи, дури и на самиот ден на гласање, со кои секој граѓанин би можел да го оствари своето најсвето демократско право“, стои во реакцијата.

Сосем е легитимно СДСМ да го ограничува правото на глас на своите членови или да им овозможи најдемократски да се определат само за еден кандидат, но МВР апелира до партијата и до сите останати учесници во изборниот процес да ја почитуваат и да не се обидуваат да на кој било начин да ја спречат вољата на граѓаните.

Од МВР искажуваат жалење што СДСМ ја игнорира и Државната изборна комисија и медиумите и јавно искажаните ставови во однос на Избирачкиот список.

„Се враќа довербата во Избирачкиот список“ е впрочем изјава на претседателот на ДИК, предложен токму од СДСМ дадена на 06.02.2014 година, се додава во соопштението.

Од МВР истакнуваат дека прашањето дали некој се наоѓа во избирачкиот список СДСМ би требало да го постави до ДИК бидејќи додека ДИК не го објави списокот МВР нема можност да знае кој се наоѓа во него а кој не.

„За да нема забуни би сакале да потсетиме дека избирачкиот список е единствено во ингеренција на Државната изборна комисија со која претседава функционер предложен токму од најголемата опозициска партија. Искрено жалиме што СДСМ нема елементарни познавања од новиот Изборен законик кој беше изгласан со поддршка токму и од нив во Собранието. Најдобронамерно би сакале да ги упатиме на Државната изборна комисија чија интернет страница http://www.sec.mk/ е достапна на сите граѓани. На самата страница како претседател на ДИК е наведен Никола Рилкоски, а како телефон за контакт е понуден +389 2 3244744“, се наведува во соопштението од МВР.

Додаваат дека доколку СДСМ не може да стапи во контакт со претседателот или службите на ДИК можат на страницата да го видат прочистениот текст на Изборниот закон.

„Се надеваме дека му помогнавме на СДСМ да расчисти многу дилеми околу ингеренциите за водењето на Избирачкиот список, а со тоа и на граѓаните кои можеби биле доведени во заблуда од конфузните, неточни и паушални искази на партијата“, стои во реакцијата.

Од МВР ги охрабруваат граѓаните доколку немаат извадено лични документи или нивната важност истекува или пак истите ги изгубат или им бидат украдени, во секое време да побараат помош во Управните служби.