МВР: СДСМ да собере сили за чиста политичка битка, без девалвирање на институциите за политички поени

Уапсени 9 лица кои регрутирале борци за боиштата во Ирак и Сирија

МВР апелира СДСМ да собере сили за чесна политичка битка со своите политички опоненти без обиди за девалвирање на институциите со некаква намера да се прибават политички поени. Партиските реакции и непристојни барања нема да го поколебаат Министерството за внатрешни работи да отстапи од принципот на транспарентна и професионална селекција на кадри и да се врати на стариот начин на прием кога далеку од очите на јавноста, партиската книшка беше единствениот критериум за влез во полицијата. Ова меѓу другото, се посочува во денешната реакција на Министерството за внатрешни работи.

Овие 660 кандидати за полициски службеници кои од денеска ја стартуваат едногодишната обука ги поминаа сите фази на селекција, а целокупната јавност преку медиумите кои беа присутни на дел од фазите предвидени за прием, беше сведок на нивните способности. Ноторна лага и неприфатлива политичка манипулација се измислувањата дека наводно со „политичка одлука, незаконски“ била прекината обуката на претходните 440 кандидати. Сакаме да ја информираме јавноста, СДСМ и сите оние кои не разбираат ниту збор од предметната проблематика, а се обидуваат да ги подметнат лагите, дека обуката не е прекината. Таа сеуште трае и кандидатите за полициски службеници се наоѓаат во фаза на оценување и теренска обука. Тие се распоредени по полициските станици низ земјава и после 40 дена практично работење, повторно се враќаат во Центарот за обука. За овој период истите се прифаќаат од ментори кои треба да им ги пренесат знаењата за постапување на терен, се вели во реакцијата.

Од МВР јавно ја покануваат потпретседателката на СДСМ да помине еден ден со кандидатите за полициски службеници, за, како што велат, да се увери дека истите ја продолжуваат обуката, по што очекуваат и извинување за изречените невистини.

Очекуваме извинување и за лагите приправниците од МВР „надвор од законски уредените постапки и процедури“ полагале државен испит. За да и бидат расчистени дилемите, потпретседателот Ременски може да побара и да и биде овозможено да добие соодветна информација во соодветна процедура за кој било приправник да изврши увид за почитувањето на процедурите. Во однос на менувањето на актот на систематизација, не станува збор за некакво брзање, туку обврски кои произлегоа од потпишувањето на новиот Закон за внатрешни работи и колективен договор, вклучувајќи ја и листата на плати. Со неа износите на работните позиции останаа исти, така што ниту еден вработен не губи, а при спроведувањето на интерните огласи, партиципираше и Македонскиот полициски синдикат, како гарант дека нема да бидат нарушени ничии права. МВР апелира СДСМ да собере сили за чесна политичка битка со своите политички опоненти без обиди за девалвирање на институциите со некаква намера да се прибават политички поени, стои во реакцијата од МВР.