МВР и синдикатот се договорија за измена на колективниот договор

Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат денеска потпишаа спогодба за дополнување и изменување на колективниот договор од 2015 година, со која правото на работниците со непрекинат престој во одредени издвоени објекти на МВР подолго од 24 часа од еден се зголемува на три слободни дена.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по потпишувањето рече дека решението е во насока на гарантирање на работниците на правото за дневен и неделен одмор и вкупното работно време утврдено со закон.

– Направена е прераспределба на работното време согласно Законот за работни односи и со новиот договор работата е организирана во времетраење од 12 часа редовна работа и 12 часа платен одмор на работникот во објектот, а за секој 24 непрекинат престој му следуваат три слободни дена, рече Спасовски.

Посочи дека решението било доставено за мислење до Министерството за труд и социјална политика со цел да биде согласно прописите, за што е добиено позитивно мислење.

Со постојната регулатива работното време на работниците со непрекинат престој во одредени издвоени објекти на МВР беше организирно во траење од најмалку 12 часа редовна работа и 12 часа одмор на работникот во објектот, а за секои 24 непрекинат престој работникот го следува еден слободен ден.

Претседателот на Македонскиот полициски синдикат Тихомир Климовски, по потпишувањето рече дека решението е позитивно и поволно за колегите кои работат во овие објекти, но е далеку од идеалното, бидејќи е потребно воспоставување услови тие да имаат работно време како и сите други.

На новинарско прашање за вратените кандидати за полицајци од Центарот за обука, министерот Спасовски рече дека една од причините е времето потребно за подготвување на Центарот за прием на нови кандидати, како и дека има се уште незавршена постапка за одреден број кандидати за полициски службеници.

Прашан дали се вратени началниците од боледување и дали тоа ќе биде разгледано, Спасовски одговори дека тие се уште не се вратени и дека службите постапуваат во однос на тоа.

Во однос на барањето од неколку помали партии за превентивна интервенција од МВР во однос на наводите за притисок врз администрацијата за гласање на изборите, Спасовски јавно упати повик до сите раководни структури во Македонија и МВР дека не смее да се злоупотребуваат државните службеници и администрација за партиски цели во изборниот процес и дека не смее да се врши никаков притисок, затоа што се јасни и прецизни одредбите кои укажуваат дека секој што ќе прекрши или влијае на некое изборно правило ќе сноси одговорност со казна затвор.