МВР со детали за големото апсење во Сити Мол

Големо апсење спровела полицијата во Скопје Сити Мол. Уапсена е цела група измамници поради измама со доделување на возни редови од Министерството за транспорт и врски. Тие си формирале паралелено Министерство и си делеле возни редови за линии за што инкасирале поголема сума на пари. За целата постапка изготвувале фалсификувани документи.

Во продолжение проследете ги деталите што денеска ги објави МВР.

Единица за економски и компјутерски криминал, до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против шест лица и тоа против Д.Ј. (31) од Тетово и А.Т.Т. (31) од Скопје за сторено кривично дело „измама“ како и против С.Т. (37), С.Т. (33) двајцата од Скопје, Е.И. (33) и Ј.Ј. (38) двајцата од Тетово, за сторено кривично дело „помагање“ в.в. кр.дело “измама“.

Oд страна на Судија во претходна постапка на пријавените лица им е одредена мерка притвор во траење од осум дена. При тоа, А.Т.Т., С.Т. и С.Т. се пронајдени и предадени во Истражен затвор – Скопје, додека Д.Ј., Е.И. и Ј.Ј. се во бегство.

Имено, откако на 1-ви овој месец од страна на Министерството за транспорт и врски бил распишан оглас за распределба на меѓуопштински и возни редови, на истиот аплицирало лице – Управител на две правни лица од Струга, но на Прелиминарна листа која била јавно објавена на веб страна на Министерство за транспорт и врски, истите биле одбиени.

Дознавајќи го наведеното, пријавените се договориле и Д.Ј. остварил телефонски контакт со оштетениот, при што лажно му се преставил како извесен директор во Министерството за транспорт и врски, и го известил дека апликациите од неговите фирми за вршење на меѓународен превоз на лица не поминале, но како директор може да му помогне за нивно одобрување. Притоа, на договорената средба во хотел во Охрид отишле шестте пријавени лица, каде Д.Ј. се преставил како извесен Зоран Н. и го запознал оштетениот со второпријавената која се преставила како Елена Н., наводно негова секретарка, додека на другата маса седеле останатите четири пријавени лица. Во разговорот, Д.Ј. на оштетениот му кажал дека може да му заврши работа неговите фирми да добијат две линии за вршење на меѓународен превоз на лица, и побарал парична награда во висина од 10.000 евра за двете линии, од кои 5.000 евра да му бидат дадени веднаш за да не биде пропуштен терминот во системот за јавно надавање. Истата вечер, се сретнале на бензинска пумпа МАКПЕТРОЛ АД на излез од Охрид, каде оштетениот му дал 5000 евра, а за остатокот од 5000 евра се договориле да ги донесе во Скопје на 20-ти овој месец.

Кога оштетениот остварил телефонски контакт со Д.Ј., истиот му кажал дека е на службен пат, но му кажал да се слушне со второпријавената А.Т.Т., со која договориле да се сретнат на 21.10. во Скопје.

Во СВР Скопје ЕЕКК, оштетенот поднел Записник за прием на кривична пријава, за кривично дело „измама“ против лицата Зоран Н. и Елена Н. од Скопје, при што од страна на ЕЕКК биле превземени сеопфатни мерки и активности.

На 21.10. на договорена средба во кафе-бар ТРЕНД лоциран во „Сити мол“ Скопје, второпријавената од оштетениот примила парични средства (10 банкноти во апоени од по 500 евра),  а од нејзина страна му била предадена фалсификувана документација претходно изготвена од четвртопријавениот Е.И., наводно издадена од Министерството за транспорт и врски зараспределба на меѓуопштински и возни редови и возен ред за меѓународна линија Струга-Алсбург на име на едно од правните лица.

Врз основа на усна наредба од судија на претходна постапка, наведениот ден извршен е претрес на пријавената А.Т.Т., при што кај неа се пронајдени предметните банкноти и истите се одземени, додека од оштетениот е одземена документацијата која му била дадена од страна на пријавената.

Од оштетениот и две пријавени лица одземени се мобилени телефони со кои остварувале контакти во критичниот временски период.

Врз основа на Наредби од Основен суд Скопје 1 Скопје извршени се два  претреси во домовите каде привремено престојувале тројца од пријавените лица од Тетово при што одземени се предмети и документација  за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела.

Инаку, во претходниот период против Д.Ј. се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела „измама“, „фалсификување исправа“, „прикривање“, „насилство“, „спречување службено лице во вршење службено дејство“, „затајување“ и „недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“. Исто така против второпријавената А.Т.Т. претходно поднесена е кривична пријава за кривично дело „затајување“, против С.Т. за „кражба“, „насилничко однесување“, „криумчарење на мигранти“ и „загрозување на безбедноста на сообраќајот“, против Е.И. за „измама“, против Ј.Ј. за кр.дела „измама“, „лажно претставување“, „затајување“ и „фалсификување исправа“ и против С.Т. за сторено кр.дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.