МВР со детали за разбојништвото во Стопанска банка

Полицијата поднесе кривична пријава против А.М.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за извршени три кривични дела „разбојништво“, “напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и “неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распркувачки материјали“.

-Имено вчера со намера да се стекне со противправна имотна корист, пријавениот со закана со пиштол и употреба на физичка сила над вработените во филијала на Стопанска Банка АД Скопје лоцирана на бул. “Ѓорче Петров“ во Скопје, извршил разбојништво, при што одзел 377.900 денари. Откако А.М. маскиран и вооружен со огнено оружје, влегол во банката и со закана кон вработените и странките, дошол до шалтерскиот простор и им наредил на вработените да се тргнат, сам влегол зад пултот и од касите ги одзел парите, ги ставил во ранец што го носел со себе и трчајќи избегал од банката качувајќи се во автомобил „Цитроен ЗХ“ со скопски регистарски ознаки кое претходно го паркирал во близина,  при тоа упатувајќи се во правец кон ул.„4-ти Јули“, информираат од МВР.

Откако А.М. со возилото дошол во близина на надвозникот „Влајко“ на бул. „Партизански Одреди“, од страна на полициски службеници од ЕПОИ-Алфа, бил забележан по што истите се упатиле по него при тоа давајќи му светлосно сигнален знак од службеното возило.

-Од страна на полициските службеници му биле покажани и полициските легитимации и преку отворениот прозор од возилото му наредиле да го запре движењето и да застане, на што пријавениот се оглушил на дадената наредба и со пиштол почнал да пука кон нив. Со цел да одбијат непосреден напад од себе, од страна на ЕПОИ-Алфа употребено е огнено оружје од кои испукале повеќе куршуми во правец кон пријавениот, при што истиот се здобил со телесна повреда-расекотина во пределот на главата, најверојатно настаната со расекување од парчињата стакло од скршените прозори од возилото кое го управувал. По престрелката со полициските службеници истиот е совладан, по што со возило на брза помош бил префрлен во Ургентен центар при клинички центар „Мајка Тереза“ Скопје, каде од страна на доктор е констатирана телесна повреда, се вели во соопштението од Министерството.

Со извршеното дејствие, А.М. го оштетил службеното возило, потоа автомобил марка Фиат Пунто, како и во автобус сопственост на ЈСП Скопје.

На местото на настанот од страна на увидна екипа при СВР Скопје е извршен увид, при што во ПМВ Цитроен ЗХ пронајден е еден ранец во кој биле одземените пари од банката и еден мобилен телефон, додека пиштолот заедно со рамка со три куршуми, пронајден и подигнат од коловозот на бул. „Партизански Одреди“ и со наредба од ОЈО е предаден во за понатамошна анализа и вештачење.

Исто така против А.М. во периодот 1988-2008 година биле поднесени две кривични пријави.