МВР со нови кривични пријави за учесниците во протестите

Министерството за внатрешни работи, врз основа на сопствените видео-материјали, но и видео-материјалите добиени од медиуми, идентификуваше уште 10 лица кои учествуваа во насилните протести кои се одржаа минатиот петок и сабота. Сите се од Скопје на возраст од 18 до 40 години. Со тоа бројот на учесници во екстремно агресивните протести, против кои ќе следува натамошен прогон се зголеми на 34 лица.

Од овие лица мерки на кривичен прогон ќе бидат преземени против 24 кои се товарат дека сториле кривично дело –“учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствије“ по член 384 од кривичниот Закон на Република Македонија. За ова дело е запретена казна затвор од 6 месеци до 3 години или доколку станува збор за организатор на толпата од 1 до 5 години затвор.

Останатите 10-мина се прекршочно гонети, односно издадени им се платни налози за глоба и процесуирани им се прекршочни пријави по Законот за прекршоци од јавен ред и мир. Делата кои им се ставаат на товар се: по чл.14 – “постапување спротивно на наредбата на надлежен државен орган или службено лице,“ по чл.15 – “неоддалечување од група на луѓе која овластено службено лице ја повикало да се разотиде во прилики кога јавниот ред е загрозен“ и по чл.4 – “карање, викање или непристојно и дрско однесување на јавно место“.

Министерството за внатрешни работи продолжува и натаму да работи на идентификување на сите кои учествуваа во насилните протести и апелира во кои беа оштетени повеќе згради и дуќани, а беа повредени вкупно 32 полициски службеници, како и 10 граѓани кои побараа медицинска помош во скопските медицински установи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.