МВР уапси „уапсени“ џихадисти

Додека од затвори се ослободуваат тешки криминалци, а убијците се недостапни на полицијата МВР се пофали дека уапсила џихадисти, повратници од Сирија и Ирак.

Најверојатно во обид да го тргне вниманието од скандалот со првиот човек на Бирото за јавна безбедност, за што им требаше четири дена да утврдат дека службениот џип на МВР бил злоупотребен, полицијата направи нов скандал.

Додека МВР објавуваше видеа од „апсењето“ на џихадистите, медиумите во светот пишуваа дека Македонија примила назад седумина свои државјани кои се бореле во Сирија на страната на ИСИС, но биле уапсени и така станала една од малкуте држави кои се согласиле на репартријација.

Според новинската агенција Асошиејтед прес, по повеќемесечен притисок од САД, неколку држави меѓу кои и Македонија прифатиле репатријација на свои државјани кои учествувале во борбите на фронтовите во Ирак и Сирија како дел од Исламска држава и други терористички организации.

Во соопштението на МВР, пак, се наведува дека апсењето на осомничените терористи било извршено во соработка со Глобалната коалиција за борба против тероризмот, но никаде не наведоа дека се работи за репартријација односно преземање на уапсените.

Седумтемината терористи, за кои МВР претходно распиша потерници веќе биле уапсени и биле чувани по затвори во Ирак и Сирија, по што сојузниците само ги префрлиле до аердормот во Скопје, од каде „тигрите“ ги префрлија во полицикс станица, а од таму во затворот во Шутка.