МВР заплени 100 грама хероин

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во рамки на континуираните активности од “Мрежа“ насочена кон сузбивање на нарко-трговијата, реализираше случај на недозволена трговија со хероин, при што запленети се 99,8  грама  хероин наменет за домашниот нарко пазар и уапсени се пет македонски државјани додека еден турски државјанин во моментот не е достапен на органите на прогон.

Имено во текот на вчерашниот и завчерашниот ден по претходно изготвен план за превземање на мерки и активности од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога, на подрачје на Скопје беа преземни активности во врска со сознание дека  во текот на минатиот месец лицето Ј.С.(47) турски државјанин, во Р.Турција од засега непознато лице за неутврдена цена неовластено набавил наркотична дрога хероин која ја транспортирал од Турција до Македонија заради натамошна продажба. Во почетокот на овој месец веќе набавениот хероин лицата Ш.М.(36), К.Е.(41), Ф.А.(34) и В.И.(41) сите од Скопје требало да го препродадат по однапред договорена цена, при што лицата оствариле неколку средби и откако К.Е. го превземал хероинот, истиот го однел  на непозната локација во с. Арачиново.

Потоа Ш.М. и К.Е. хероинот го понудиле на продажба на повеќе лица, за што континуирано го известувале и  турскиот државјанин. Во договор со него земани се примероци – мостри кои им биле давани на потенцијалните купувачи за да го проверат квалитетот на хероинот. Во втората половина на месецов преку Ч.А.(38) од Гостивар, хероинот го понудиле на продажба, но не можеле да најдат купувач поради лошиот квалитет па ја спуштиле продажната цена. Истите се договориле хероинот да го продаваат  во помали количини кои подоцна требало меѓусебно да ги поделат, а дел од парите да испратат во Турција. По претходен договор помеѓу Ч.А. и Ш.М. завчера извршена е купопродажба на околу 100 грама хероин.

Имено во 20,15 часот, на наплатната рампа “Глумово“ на излез од Скопје, запрено е возило марка “Опел Астра“ со гостиварски таблички, по што извршен е претрес при што кај Ч.А. пронајдено е едно полиетиленско паковање исполнето со прашкаста материја светло кафена боја.

Одземената прaшкаста материја е предадена во Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења  при  МВР на РМ заради понатамошно вештачење.  По извршено вештачење утврдено е дека се работи за наркотична дрога хероин со вкупна тежина од  99,8 гр. Запленетиот хероин при продажба на домашниот нарко пазар на мало во Р.Македонија би достигнал цена од 2.500 евра.

Од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција  ќе биде поднесена кривична пријава против лицата Ј.С., Ш.М., К.Е., Ф.А., В.И. и Ч.А., поради постоење основано сомнение дека сториле кривичното дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член: 215 став: 3 од Кривичниот законик на Р. Македонија. Лицата  лишени од слобода се изнесени пред  судија на претходна постапка кој на петте лица им одреди мерка притвор во времетраење од по 30 дена. Инаку досега, во рамки на ОА “Мрежа“ кривично се пријавени над 160 лица, а запленети се и над 520 килограми разни видови наркотици.