МЗ: Отворени за граѓаните советувалиштата за откажување од пушење

За сите заинтересирани денеска ќе бидат отворени советувалиштата за откажување од пушење, лоцирани во центрите за јавно здравје во РМ. Во нив заинтересирани граѓани можат да се пријават на едукативни предавања во центрите, а во претстојниот период предвидени се и советувања за откажување од пушење кај адолесцентите.

Во секој Центар за јавно здравје работи стручен и обучен кадар од доктор-специјалист, медицинска сестра и здравствени соработници (социјален работник, психолог и др), кои одржуваат едукативни предавања, со фокус на презентирање на штетните ефекти од пушењето врз здравјето на пушачите, како и на штетните влијанија од тутунскиот чад за околината. Исто така, во рамки на предавањата се презентираат и различните можности за одвикнување од пушењето, со посочување на одредени супститути на никотинот (медикаменти, мастики, лепенки за откажување,…), како и укажување на симптомите на апстиненцијалната криза.

Од Министерството за здравство потсетуваат дека советувалиштата за откажување од пушење почнале да функционираат во јуни годинава и првично беа опфатени здравствените работници кои се пушачи, а со цел понатаму истите да можат да придонесат кон одвикнување од пушење кај нивните пациенти.

Имено, студиите на оваа тема спроведени во нашата земја, покажаа дека речиси 80% од лекарите сметаат дека пациентите полесно ќе се одвикнат од пушење доколку ги советуваат лекарите, имајќи го предвид нивниот кредибилитет, а воедно и поддршката која може да им ја пружат во соочувањето со предизвикот со кој и тие самите се соочиле.

Во контекст на методите на едукација, во советувалиштата се врши групна едукација на сите лица кои ги посетуваат советувалиштата (околу 10ина во група), но со оглед на тоа што откажувањето од пушењето претставува релативно долготраен процес кој не се заокружува со само едно едукативно предавање, во советувалиштата е предвидена и индивидуална едукација на лицата кои ќе искажат желба и волја да се откажат од пушењето.
На овој начин, со континуирана едукација и укажување на исклучително штетните последици од пушењето, придонесуваме кон целокупно подобрување на јавното здравје и одржување на здрави генерации во нашата земја.

Ова е табелата на советувалишта каде заинтересираните граѓани можат да се обратат

jz pusenje