МЗ: ВМРО-ДПМНЕ лажно обвинува за донација на инсулин

Интегрално соопштение од Министерството за здравство:

Во врска со изнесените инсинуации и невистини на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ од страна на портпаролот Наум Стоилковски на ден 18.08.2018 година за наводна донација на лекови со краток рок на употреба од невладина организација во сопственост на министерот за здравство, д-р Венко Филипче, Министерството за здравство во целост ги демантира и отфрла наводите како лажни!

Ширењето лажни вести, лаги и пропаганда од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните портали е со цел оцрнување на работата на министерот за здравство и обид за добивање ситни дневно политички поени кои се загрижени поради успешно водење на здравството во Македонија во изминативе месеци.

Имено, Невладината организација PHM-CEE од која дел е и Министерот за здравство, Венко Филипче која се споменува во прес-конференцијата и на дел од порталите е дел од голема граѓанска Меѓународна организација. Истата не е во функција повеќе од 1 година.

Дополнително, груба шпекулација е дека сега или било кога во минатото биле донирани лекови и инсулин од страна на невладината организација PHM-CEE. Донацијата за инсулин која се споменува на прес-конференцијата за овој период е директна донација од страна на Ново Нордиск.

Во врска со наводите за пречекорување на рокот на траење на инсулинот сакаме да потенцираме дека сите пациенти кои се на инсулинска терапија подигнуваат инсулинска терапија која се троши за индивидуални цели и за период од 28-30 дена.

Тоа значи дека сите пациенти кои заклучно со денешен датум ќе го подигнат инсулинот истиот ќе го употребат до 15.09.2018 година.

Одговорно тврдиме дека нема инсулин во Република Македонија кој е со краток рок. Апелираме и повикуваме, доколку пациентите кои се на инсулинска терапија имаат таков доказ дека им е издаден инсулин со краток рок, веднаш да реагираат во Министерство за здравство.

Инсулинот кој е со рок на траење до 30.09.2018 година е потрошен во месец јули. Од 15.08.2018 година веќе се обезбедени и се дистрибуираат инсулини „Новорапид“ со рок на траење повеќе од 12 месеци. Секој лот (серија) на сите видови инсулин е регистриран со количина и рок на траење.

Вака изнесените невистини нанесуваат штета на Министерството за здравство и влијаат на пациентите, поради што го повикуваме портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски јавно да се извини. Во спротивно, Министерството за здравство ќе ги преземе сите расположливи правни инструменти согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен Весник на Република Македонија“ број 143/2012) и останатите позитивно-правни прописи на Република Македонија.