МЗШВ: Раскинат договорот со „Сахара груп“ за Џумајлија

Со активирање на банкарската гаранција од околу три милиони евра, Македонија ја почна постапката за раскинување на договорот со индиската компанија „Сахара груп“ за комбинатот „Џумајлија“.

Како што соопшти денеска портпаролот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) Соња Трајкова, гаранцијата е активирана во банката „Сосиете женерал“.

– Министерството стриктно ќе се држи до одредбите од договорот и тоа беше посочено на неколку состаноци пред активирање на банкараската гаранција, изјави Трајкова, нагласувајќи дека со ваквата постапка се штити интересот на државата.

Според договорот потпишан во јули 2013, „Сахара груп“ требаше да плаќа годишен закуп од 121 илјада евра. за 5.353 хектари земјоделско земјиште. Се обврза во првите 18 месеци да набави најмалку 8.000 грла крави, да вработи 900 лица и да инвестира најмалку 60 милиони евра. Уште тогаш се знаеше дека ако не исполни дел од обврските, ќе биде активирана банкарската гаранција од 5 отсто од планираните инвестиции за првата 1,5 година, односно 3 милиони евра.

Во договорот детално беа предвидени обврски за период од три години. По првичната инвестиција, требаше да се вложат уште 70 милиони евра до истекот на 27 месеци и уште толку до истекот на 36 месеци. Со тоа вкупната инвестиција во комбинатот од Лозово требаше да изнесува 200 милиони евра.

Предвидено беше и за три години бројот на вработените да достигне 2.000, а комбинатот требаше да има 20.000 грла крави и дневно производство на млеко од 80.000 литри. Производството на добиточна храна до крајот на третата година требаше да достигне 75.000 тони годишно.

Инвестицијата на „Сахара груп“ се однесуваше на обезбедување инфраструктура за извршување земјоделски работи, набавка на машини, изградба на модерна фарма со современ систем на молзење и на најсовремена млекарница за производство на млеко и млечни производи.

Сопственикот на компанијата Субрата Рој најави дека млекото и млечните производи, освен во балканските земји, ќе се извезуваат и на Средниот Исток, Северна Африка и оти покрај сопственото производство на добиточна храна, ќе побараат од околните земјоделци да одгледуват сточна храна за нив, за што ќе бидат обезбедени современа технологија и квалитетни семиња.