МЗШВ: Законска обврска на откупните компании е да откупуваат тутун

Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство информира дека власта не може да откупува тутун, туку тоа е законска  обврска само на откупните компании.

– Министерството ги презеде сите потребни мерки за успешен почеток на откупот на тутунот од годинашната реколта. Состојбата се следи уште пред почетокот на производството од кога се одржани неколку состаноци и со откупувачите и со тутунарите. На овие средби, откупувачите дадоа уверување дека целиот договорен тутун од 25 000 тони ќе биде откупен,а ќе се направат напори да се превземе и вишокот од околу 4 до 5 000 тони кој настана поради врнежливите временски услови и повисоките приноси, стои во денешното соопштение од Министертвото за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Годинава, потсетуваат од МЗШВ,  девет фирми добија дозвола за откуп, кој според Законот за тутун треба да почне најдоцна до 15 –ти декември оваа година.

– Субвенциите за тутунот целосно се исплатени,останува уште мал дел кој се исплатува по доставување на сите потребни документи наведени во уредбата за директна финансиска исплата. Министерството за земјоделство подготви нацрт Закон за фитофармација со кој се предвидува олеснување на увозот на заштитните средства,а со тоа се очекува нивните цени да се намалат, се наведува во соопштението.