МЗШВ: Исплатени 93,2 отсто од винското грозје од ланската реколта

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска соопшти дека од реколтата 2015 година од страна на винарските визби вкупно се откупени 154.248 тони грозје со вкупна вредност од речиси 32,3 милиони евра.

Заклучно со 3 мај исплатени се 30,1 милиони евра или 93,21% односно а неисплатени се 2,2 милиони евра, што претставува 6,79% од вкупните обврски по основ на откупеното грозје, се наведува во соопштението од МЗШВ.

Досега 45 винарии во целост го исплатиле откупеното грозје од реколтата во 2015 година, а две винарски визби – „Повардарие„ и „Гарланд Агрофуд“ имат долг кон лозаропроизводителите. Винарската визба „Повардарие“ од Неготино досега исплатила 2.689.038 евра или 84 %, а за повторен упис во Регистарот на производители на вино покрај целосната исплата на долгот кон лозарите со пресметана камата, ќе треба да плати и казна од 52.858 евра што е 10% од вредноста на неисплатеното грозје, се наведува во соопштението.

Винарската визба „Гарланд Агрофуд“ од Кавадарци, како што се наведува, досега исплатила 803.802 евра или 33%. Според Законот за вино и оваа винарија за повторен упис во Регистарот на производители на вино покрај целосната исплата на долгот кон лозарите со пресметана камата, ќе треба да плати и казна од 166.207 евра што е 10% од вредноста на неисплатеното грозје.

Остварена просечна цена за откупено грозје од реколта 2015 година е 12,87 денари за килограм што во споредба со остварената цена за откупено грозје од реколта 2014 година (12,76 денари/кг) претставува зголемување од 1%, се посочува во соопштението од МЗШВ.