МЗТ по поразот во Љубљана се закотви на дното од АБА лигата

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром останаа на самото дно од регионалното натпреварување, откако неделата вечерта во Љубљана со 85:94 беа поразени од директниот конкурент за последното место Петрол Олимпија.

И покрај новите засилувања, „металците“ само на моменти му се заканија на домаќинот, постојано бркајќи го неговото водство. Но секогаш кога ќе успеаја да дојдат до дофатлива разлика следеше серија технички грешки, вкупно 14 наспроти само 9 на домашните, по која домаќините се одлепуваа. Исто така, Олимпија имаше и значителен подобар скор во асистенциите од 21 наспроти 15 за „штрковите“.

МЗТ катастрофално го започнаа мечот и само по неколку минути игра во втората четвртина Олимпија создаде предност од 17 поени (38:21). Сепак, скопските кошаркари заигра многу подобро во одбраната и успеаја да ја намалат предноста на противникот и на полувреме отидоа со минимално заостанување 42:43.

Во третата четвртина повторно имаше пад кај МЗТ, а Олимпија побегна на плус 10, но во следните две минути МЗТ стигна до изедначување од 66:66. Следуваше тајм-аут за домаќините, по кој Олимпија направи серија од 7:0 и во завршните десет минути влезе со предност од 73:66.

Скопските кошаркари и во последната делница влегоа со несфатлива променливост откако направија серија од 11:2 и се приближија на 83:84, но тука запреа и изостана пресвртот, по што со серија од 8:0 Олимпија многу лесно дојде водство од 92:83 а потоа и  до конечните 94:85.

Мавра со 21 поен беше прв стрелец кај МЗТ, Стојановски постигна 14, Лалиќ забележа 13, Павличевиќ еден помалку, а двоцифрен со 10 поени беше и Спасојевиќ.

Морган со 20 и Хроват со 16 кошеви беа најефикасни кај домаќинот.

МЗТ со сооднос на победи и порази 2-6 е последен на табелата, додека Олимпија по вечерашниот успех побегна на 8-то место со сооднос 3-5 колку што има и Задар, а пред македонскиот шампион се Игокеа и Морнар со по меч помалку.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.