МЗТ Скопје и Работнички на чекор до меѓусебна пресметка

Кошаркарите на МЗТ Скопје и на Работнички се на победа до пласман во големото финале во домашното првенство, откако ги добија првите полуфинални дуели од плејофот.

Избраниците на тренерот Зоран Мартич ја декласираа Лирија со 100:81, додека 14 -кратниот првак на Македонија беше подобар од Кожув со 88:81. Реваншите се во вторник во СРЦ „Кале“ и во Гевгелија, а евентуалните мајсторки би се одиграле на 23 мај.

Дури шестмина во составот на МЗТ Скопје постигнаа двоцифрен број поени, а најефикасен беше капитенот Тодор Гечевски со 21 кош. Ѓорѓи Чековски забележа 19 поени и девет скока, а Дамјан Стојановски оствари 17 поени. Прв стрелец на мечот, пак, беше Алексеј Нешовиќ од Лирија со 27 поени.

Триумфот на Работнички му го донесе триото Бариша Красиќ (29 поени и пет асистенции), Горан Икониќ (25 поени и седум скока) и Душан Кнежевиќ (15 поени и 19 скока).