МЗТ Скопје му се одмазди на Шолнок

Македонскиот кошаркарски шампион со победа ја стартуваше новата година.

„Метлците” во рамките на 15. коло во АБА лига на домашен терен во СЦ “Борис Трајковски” го совладаа Шолнок со 73:63 и му се реваншираа за поразот на гостински терен минатата година.

„Кога видов со каков состав доаѓа Шолнок, знаев дека ќе имам главоболка 40 минути. Ништо не ме изненади, знаев дека ќе биде зона и дека ние ќе бидеме под притисок да погодуваме отворени шутеви, кои во најголем дел од мечот не успеавме да ги погодиме. Знаев дека само со добра одбрана можеме да добиеме натпревар каков што е овој, каде што противиникот игра без притисок поради фактот што во Скопје дојде ослабен. Што се однесува до одбраната мислам дека можеме да бидеме задоволни, иако во одредени ситуации имавме проблеми во скок-играта. Примивме 63 поени за 40 минути и во најголемиот дел од мечот игравме одбрана на начин каков што и посакуваме.” изјави тренерот на  Зоран Мартич.

Сеад Шеховиќ имаше одлично деби во сино-белиот дрес и беше најпрецизен играч на в мечот со 18 поени 4 скока и 2 асистенции. Иван Маринковиќ беше стрелец на 11 поени, Александар Цветковиќ постигна 10, а Кејд Дејвис 9 поени.
Во составот на Шолнок, Мартон Бадер реализираше 16 поени и 9 скока, Страхиња Милошевиќ и Давид Војвода постигнаа по 14 поени.
Следниот настап на МЗТ Скопје Аеродром е во Подгорица нагости кај Будучност во меч од 16.то коло од АБА лигата, кој е закажан за сабота (11.01.2014) со почеток од 21.00 часот.