МЗТ Скопје поразен од Црвена Звезда

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром претрпе пораз во 25. Коло во АБА лига, овој пат на гостувањето во Белград кај Црвена Звезда со 87:77 (24:17, 19:18, 27:20, 17:22). Домашниот тим одлично го започна натпреварот и многу рано стекна солидна предност која по три одиграни четвртини изнесуваше 15 поени разлика. Во последниот период избраниците на тренерот Зоран Мартич ја подобрија својата игра и во одбраната и во нападот, со што успеаа да ја намалат предност на противникот на само шест поени разлика но немаа сили да направат целосен пресврт.

Тадија Драгичевиќ со 18 постигнати поени беше најефикасен играч во домашниот состав, а покрај него со двоцифрен учинок натпреварот го завршија и Бобан Марјановиќ со 17 п., Рашко Катиќ со 15 п. и Чарлс Џенкинс со 10 п.

Стефан Синовец со 17, Александар Цветковиќ со 14 и Дамјан Стојановски со 11 поени беа најзабележителните кошаркари во тимот на МЗТ Скопје.
Следниот натпревар од АБА лигата во рамките на 26. последно коло тимот на МЗТ Скопје Аеродром го игра против екипата на Раднички од Крагуевац во сабота (29.03.2014) со почеток од 19.00 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.