МЗТ Скопје поведе со 1:0 против Работнички во финалето на плејофот

Кошаркарите на МЗТ Скопје, поведоа во финалето на плејофот во домашното првенство со 1:0, откако во СЦ „Борис Трајковски“ го совладаа вечниот ривал Работнички со 96:79. Работнички одлично го отвори натпреварот и го имаше водството до крајот на втората четвртина. Имаа предност од осум кошеви (39:31), но потоа направија многу грешки по што бранителот на титулата до полувремето го сврте резултатот во своја корист (42:39).

Во вториот дел избраниците на Зоран Мартич, тргнаа фуриозно и само ја зголемуваа разликата, а по крајот на третата четвртина имаше водство од 17 поени. Последната четвртина беше само рутина за МЗТ Скопје, кој не дозволи најтрофејниот македонски клуб да се доближи и да ја направи поинтересна завршницата на мечот.

Најзаслужен за победата на металците беа Синовец и Дамјан Стојановски со 19 поени, Гечевски постигна 16, а Маринковиќ натпреварот го заврши со 12 поени. Кај Работнички најмногу се истакна Соколов со 19 поени.