МЗТ Скопје “прокоцка” големо водство и загуби од Партизан

Партизан направи голем пресврт и славеше против нашиот МЗТ Скопје

“Металците” покажаа зрелост во пресметката со младиот тим на домаќинот, кој, рака на срце, во моментов е само бледа сенка на некогашните црно-бели шампионски состави.

Избраниците на тренерот Алеш Пипан максимално мотивирано влегоа во дуелот и во најголемиот дел од средбата на подобар противник, но лошата игра во финишот од третата и пред сѐ во последната четвртина ги чинеше пораз во Белград.

МЗТ Скопје држеше минимална позитива сѐ до пред крајот на првото полувреме, кога со фантастична игра во последните 200 секунди од 33:33 дојде до првото двоцифрено водство (49:38), со кое се замина на одмор. Шампионот во ист стил продолжи и во третиот период, во кој имаше и плус 13 (54:41), што наговестуваше совршен крај на сино-белата приказна во српската престолнина.

МЗТ Скопје прокоцка големо водство и загуби од Партизан
МЗТ Скопје прокоцка големо водство и загуби од Партизан

Но, домаќинот даде сѐ од себе за да се врати во игра, намали на само пет негатива (49:54) по што “металците” повторно се одлепија на 61:53, но и на 66:57 во 34-та минута. Но, тука почна да тоне аеродромскиот брод, делумно и поради лошата игра на плејмејкерот Еди Синадиновиќ, но и на главните поентери во тимот од Скопје. Во следните минути Партизан направија серија 12:2 со која кошаркарите на овој тим го презедоа водството (69:68) по речиси 30 минути игра и го најавија големиот пресврт. Сино-белите не се снајдоа во завршницата, направија премногу грешки, а не го искористија ниту последниот шут за изедначување, кој го упати репрезентативецот Марко Симоновски.

Дамјан Стојановски со 14 поени (3/4 за тројка) беше најпрецизен кај аеродромци. Душко Буниќ реализира 13 поени, Марко Љубичиќ 12 поени со дури шест асистенции, а Марко Луковиќ 11 поени и седум скока . Андреј Магдевски, пак, одигра солидно за Партизан, постигнувајќи два поени но и играјчи одлична одбрана каде што имаше несвојствено за него две блокади. Јунак во таборот на црно-белите беше доскорешниот “металец”, Александар Цветковиќ, чија агресивна одбрана беше главна причина за пресвртот на Партизан, а згора на тоа со 15 поени беше најпрецизен на средбата.

Кошаркарите на МЗТ Скопје немаат премногу време за жалење по пропуштената шанса да се совладаат црно-белите со оглед на тоа што ги чека уште еден меч на гостински терен и тоа в петок против Мега Лекс во Сремска Митровица. Потоа следува неколкудневна пауза, а првата следна обврска на домашен терен “металците” ќе ја имаа следниот вторник против Игокеа.

Извор: Спортмедиа.мк