Спорт

МЗТ Скопје со многу среќа го доби дербито со Работнички

МЗТ Скопје со многу среќа го доби дербито со Работнички

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје – Аеродром  потешко од очекуваното славеше на дербито со Работнички со 76:72 на стартот од Суперлигата. Тимот од „Градски парк“ покажаа дека сезонава нема да бидат  лесен залак за “металците”, како што тоа беше минатата сезона. Работнички покажа карактер, се врати од минус единаесет во последната четвртина, дури имаше и шут за победа, но Јане Петровски не успеа да реализира, по што  актуелниот шампион се радуваше на триумф, со кој ја почнува одбраната на титулата во домашното првенство.

МЗТ играше одлично во третата четвртина, контролирајќи го темпото и резултатот, а на крајот од овој период имаа предност од девет поени 59:50.

mzt rabotnicki

Но, Работнички успеа да се врати, намали на 70:65, по што МЗТ не успеа да упати удар за 24 секунда и гостите имаа нов напад за да ја намалат негативата, потоа Красиќ погоди за 70:67, а тренерот Мартич беше принуден да земе тајмаут. Синовец ја загуби топката, на спротивната страна Икониќ погоди едно од двете слободни фрлања, но Шеховиќ беше прецизен за тројка и го врати МЗТ на плус пет (73-68). Рајковиќ зеде тајмаут, а Симоновски веднаш потоа погоди за два и беше фаулиран. Крилото на Работнички намерно го промаши слободното фрлање и се избори за офанзивен скок, по што Кнежевиќ заби за 73:72. Потоа  Синовец погоди само едно од двете слободни фрлања, на спротивната страна Јане Петровски имаше шут за победа, што сепак не влезе низ обрачот. Брзо беше направен прекршок врз Маринковиќ, центарот на МЗТ беше прецизен два пати и ги реши сите дилеми околу победникот.

„Ова беше тежок меч, кој го добивме во последните секунди. Отворивме одлично, но поради нашите грешки го вративме противникот во живот и дозволивме за победникот да одлучува една среќна топка. За среќа, таа ни припадна нам. Задоволен сум од играта на тимот и навистина сум среќен што успеавме да ја отвориме Суперлигата со два бода“, изјави Синовец.

Токму Синовец со 24 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, пред Цветковиќ со 16, Гечевски со 12 и Шеховиќ со 11 поени. Кај Работнички најефикаснибеа Красиќ со 22, пред Икониќ и Соколов со по 11 поени.

Дербито го одбележа и сериозен ицидент меѓу полицијата и навивачите на Работнички на крајот од третиот период Конфликтот се случи во партер-трибината под делот каде беа сместени „Сити парк бојс“, а ситуацијата дополнително се влоши откако влетаа полициските сили, кои за неколку минути го исчистија целиот дел од трибината.

Мечот по петминутен прекин продолжи, но потоа дојде до меѓусебна тепачка на најверните фанови на Работнички. Но, за среќа набрзина се беше расчистено без сериозни последици.