Н’дрангета е петти економски џин во Италија

Калабриската криминална организација Н’дрангета, во просек, годишно има обрт од околу 53 милијарди евра, покажале податоци од истражување кое го спровел Институтот „Демоскопика“, пренесува Нетпрес.

Според ова, иронично именуваната „Н’драгета АД“, е на петтата позиција во економијата на Италија. Пред оваа мафијашка организација на листата се само Националната компанија за природни горива, Националната компанија за електрична енергија, холдингот „Ексор“, и осигурителниот финансиско-брокерски гигант „Џенерали“.

По банкротот на финансискиот холдинг „Леман брадарс“ (Lehmann Brothers) во Њу Јорк во 2007 година, кој ја иницираше светската економска криза и рецесијата, Н’дрангета го зголемила својот обрт дури за 20 отсто.

Деловната пробојност на мафијашката организација се должи на нејзината специфична структура, во која организациската единица се нарекува Н’дрина и претставува клан базиран на семејна основа. Моментно дејствуваат околу 150 Н’дрини, кои заедно со филијалите надвор од областа имаат не помалку од 60.000 членови, кои добиваат помош од засега непознат број помагачи.

ndrangheta-strukturaВо специјален извештај на италијанската Национална дирекција „Антимафија“ се посочува дека, за разлика од сицилијанската „Коза ностра“, која применува стратегија на подмолно дејствување, Н’дрангета дејствува отворено, ширејќи се како на национално, така и на меѓународно ниво, со сознанието дека е посилна и со тенденција да ја зацврстува со неверојатна арогантност својата супериорност.

Податоците од последните истражувања покажуваат дека Н’дрангета е една од најзначајните криминални организации, на територијата на Италија, која се’ повеќе се ориентира кон трансгранични незаконски дејствија.

На прво место е меѓународната трговија со наркотици, во која Н’дрангета има монополска позиција, и тоа благодарение на своите тесни врски со субјекти, кои дејствуваат во земјите производители, како и со оние структури што ги држат под своја контрола главните точки на маршутите за шверц на дрога.

ndrangheta-global

Покрај своите, веќе традиционално, добри односи со колумбиските шверцери на кокаин, во сферата на меѓународните односи калабриската Н’дрангета има одлични врски и со претставници на албанските, на бугарските, и на турските криминални органзиации, покажале одредени резултати од истражни дејствија.