На 10 октомври ќе биде електронското аплицирањето за ЦЕМТ дозволите

И оваа година, аплицирањето и распределбата на транспортните дозволи за превоз на стока, но и на автобуските линии ќе се врши по електронски пат.

„Во периодот од 10.10.2014 година со почеток од 00:00 часот ќе отпочне годишното аплицирање по електронски пат за распределба на годишни ЦЕМТ дозволи за 2015 година и изготвување на поединечен план како резервација на поединечни транспортни дозволи за превоз на стоки за 2015 година.Трговските друштва кои имаат лиценци за јавен превоз на стоки (за сите видови меѓународни транспортни дозволи) и трговските друштва кои имаат лиценца за превоз на стока за сопствени потреби (за поединечни транспортни дозволи-резервација), ќе можат да аплицираат на интернет-страницата www.dozvoli-mtc.gov.mk заклучно до 15.10.2014 година до 24:00 часот,“ изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Она што е важно да се напомене е дека за ЦЕМТ дозволи за 2015 година, исто како и во 2014 година, ќе имаат право да аплицираат превозници кои поседуваат возила со еуро 6 и еуро 5 стандард. До денес во базата на Министерството за транспорт и врски со изводи од лиценца евидентирани се 185 возила со„еуро 6“стандард и 2.318 возила со еуро 5 стандард.

Исто така, Министерството за транспорт и врски на 1 октомври 2014 година ќе објави оглас за одобрување на возни редови за нови линии или промена на возни редови на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот линиски превоз на патници.

Право да учествуваат на огласот имаат сите заинтересирани превозници-правни лица кои имаат лиценца за вршење на меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници и кои електронски ќе аплицираат во периодот од 01.10.2014 година од 09 часот заклучно до 02.10.2014 година до 9 часот.