Македонија

На 12-ти ноември нова рунда разговори за името

На 12-ти ноември нова рунда разговори за името

Посредникот на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција во спорот за името Метју Нимиц свика нова рунда разговори меѓу претставниците на двете земји на 12 ноември во Њујорк.

Како што соопшти МИА, на средбата ќе присуствуваат македонскиот амбасадор Васко Наумовски и грчкиот дипломат Адамантиос Василакис. Според информацијата објавена од Обединетите нации, средбите ќе се оджат во седиштето на зградата на ОН, при што Нимиц ќе има одделни средби со Наумовски и Василакис, а потоа и заеднички разговори. Целта на средбата, според соопштението на Обединетите нации, е да се продолжат напорите за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот за името.

Последните разговори се одржаа во Њујорк, за време на септемвриското Генерално собрание на Обединетите нации, каде македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски се сретна со својот грчки колега Евангелос Венизелос. По оваа средба, Попоски изјави дека кај Грција и понатаму нема интерес за активно да се работи на решавање на спорот.