На 21 јануари ЕУ ги почнува преговорите со Србија

Лидерите на Европската унија и формално денеска одлучија преговорите со Србија за придружување да почнат на 21 јануари, и притоа ја усвоија рамката за преговари, дознава Танјуг од извор во седиштето на ЕУ.

Заклучоците од денешната седница официјално на прес конференција, закажана за 13 часот, ќе ги претстави претседателот на Сoветот на ЕУ, Херман Ван Ромпуј.

Ова претставува потврда на заклучоците на Министерскиот совет, кој претходно неделава расправаше за овие теми, со прецизирање на датумот, а двата става без расправа се усвоени на самитот, на кој се собраа 28 шефови на држави и и влади на земјите членки.

ЕУ на првата меѓувладина конференција ЕУ-Србија, што го означува почетокот на преговорите, ќе ја претставува Грција, која од први јануари го почнува шестмесечното претседавање со Унијата.

Отворањето на првите поглавја се очекува во втората половина од следната година, а денеска усвоената рамка за преговори предвидува прво да се отворат поглавјата 23 и 24, што се однесуваат на правосудството, полицијата и основните човекови права.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.