На 23-ти декември да имаме избор без никаква дамка, потоа да продолжиме со здружени сили

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во врска со претстојниот партиски конгрес денеска изјави дека во моментот има внатрепартиска кампања и, како што рече, кога има внатрепартиска кампања има сѐ и сешто.

„Јас слушнав дел од тие забелешки и затоа се произнесов на мојата Фејсбук страна. Испратив одредени пораки, после кои што се надевам дека работите се малку потсредени“, рече Груевски.

Посочи дека кога има повеќе заинтересирани, секогаш има и по некој незадоволен.

„Важно е да се почитуваат, бидејќи по 23-ти декември ќе треба да соработуваат и да бидат на иста страна, да не ги поведат емоциите, туку разумот. На 23-ти декември да имаме избор што ќе биде без никаква дамка и од 24-ти декември натаму со здружени сили партијата да продолжи и што е можно побрзо да се врати на власт“, изјави Груевски пред Кривичниот суд по одложувањето на рочиштата за предметите „Траекторија“ и „Насилство во Центар“, во кои тој е еден од обвинетите.

Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ на 10-ти декември на седница ја прифати неотповикливата оставка на Никола Груевски од претседателската функција. На вечерашната седница на највисокото партиско тело одлучено е вонредниот Конгрес да се одржи на 22 и 23 декември во Валандово.

Како што информираше генералниот секретар на партијата, Христијан Мицковски, Централниот комитет донесена е одлука и за бројот на делегати којшто изнесува 544.

Врз основа на Статутот на партијата, Централниот комитет усвои заклучок согласно кој кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот. Еден делегат може да поддржи само една кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатурите може да се поднесуваат најдоцна до 21-ви декември до 15 часот до правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, во архивата на партијата.

„ Оваа одлука беше донесена од Централниот комитет, откако претходно претседателот Никола Груевски ја поднесе својата неотповиклива оставка. Во образложението до членовите на ЦК, Груевски истакна дека без разлика на фактот што анализите за изборните резултати се во тек, оставката ја поднесува како морален чин, бидејќи е природно човекот во кој сите имаат најголема доверба врз себе да ја преземе одговорноста за поразот и покрај сите фактори кои влијаеле. Груевски потенцираше дека овие избори беа едни од најнерегуларните каде што имаше еклатантни примери на притисоци, уцени, поткуп и заплашување, но исто така и разочараност меѓу дел од традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Токму заради детектирање и корегирање на сите слабости, Груевски нагласи дека мора да се земе сериозно деталната анализа на изборниот резултат. Груевски побара од членовите на ЦК да биде изгласан терминот за вонреден Конгрес и да биде избран нов претседател и раководство кое ќе ја врати ВМРО-ДПМНЕ на власт“беше наведено во соопштението.