На „Ало докторе“ за два дена 258 повици

На телефонската линија за медицински совет на граѓаните „Ало докторе“ за изминатите два дена со пресек до 22 часот имаше вкупно 258 повици, соопшти денеска ЈЗУ Здравствен Дом на Скопје.

На три лица кои ја повикале телефонската линија „Ало докторе“ им била потребна службата за Итна медицинска помош и докторите-специјалисти ги пренасочиле граѓаните кон бројот 194.

Јавувањата на телефонската линија за медицински совети „Ало докторе“ се од граѓаните од сите градови на Македонија.

Вкупно 17 доктори-специјалисти се достапни за медицински совет 24 часа во кол центарот на „Ало докторе“.

Во соопштението се појаснува дека повиците за кои ја повикале линијата 15123 се најчесто за медицински совет во врска со крвниот притисок, покачена телесна температура и респираторни симптоми предизвикани од променливите временски услови.

Од 18 до 22 часот во кол центарот на „Ало докторе“ денеска ќе биде дежурна директорката на клиниката за ендокринологија проф.др. Славица Страткова-Шубеска, а утре за медицински совет ќе биде достапен директорот на ургентниот центар др. реџеп Селмани.