На „Астерфест“ филмови од програмата „Глобална фикција“

На интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ за вечер е предвидена проекцијата на шест кратки играни филмови од програмата „Глобална фикција“.
Ќе бидат претставени филмските остварувања „Даб плеј“, „Дизни рамала“,

 „Ние не сме пријатели“,

„Пештерата“,

 „Повеќе од два часа“  и

„Случајно“.

Во „Даб плеј“ во мрачниот паб, Били се запознава со Стеван, платен убиец. Со пијалак и во опуштена атмосфера, Стеван му зборува за својата последна работа и за тоа како се нашол во пабот. „Дизни рамала“ е приказна за татко и син во Рамала, соочени со суровата реалност во текот на Втората интифада. Двајцата се обидуваат да создадат паралелна, измислена реалност, оптимистичка и магична. Додека Рабија, таткото, има проблеми со израелската војска, неговиот син сонува да оди во европскиот Дизниленд за својот роденден. Тогаш таткото одлучува да ги земе работите во свои раце и да создаде домашен алтернативен универзум за својот син.
Во „Ние не сме пријатели“ се поставува прашањето „што би сториле ако треба да го отпуштите својот најдобар пријател?“ Во таква ситуација се наоѓа Хулио (млад бизнисмен од навидум добра компанија) кога дознава дека Санти, заедно со дваесет и четворица други вработени во неговата служба, треба да биде отпуштен од работа. Неговиот шеф и пријател, Макс, се обидува да го советува како да се справи со ситуацијата, но набрзо станува сè позаплеткано. Ова е краток филм кој има за цел да ги истражи границите меѓу пријателството и работата… Ако воопшто постојат.
Приказната во „Пештерата“ го следи младиот басист Адам низ контрастните пејсажи на Каиро. За Адам, како припадник на работничката класа можностите се ограничени, а градот е арена каде силните преживуваат, а слабите умираат крај патот.  Адем има обид да направи музичка кариера, но и да внесе нов живот во старото пријателство со бендскиот колега Амер. Во светот кој постојано се менува, вклопувањето е најтешко.
Во „Повеќе од два часа“ дејствите започнува во три часот по полноќ, а момче и девојка лутаат низ градот. Бараат болница за лекување на девојката, но тоа им оди многу потешко одошто очекувале… Во „Случајно“ на неколку часа пред Нова година, сосед оди да побара сол од една постара госпоѓа. Одеднаш ја убива. И сега целата негова фамилија која се собира да ја прослави Новата година, треба да реши што да се прави и кој е виновникот.
Официјалната програма на единаесетото издание на „Астерфест“ продолжува утревечер во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица. Филмската програма која се проектира утревечер е составена од шест кратки документарни филмови од програмата „Ѕвездени документи“.
Фестивалот продолжува во сабота претпладне со работилницата на Боро Стјепановиќ насловена како „Игра – посебноста на филмското актерство во однос на другите драмски медиуми“