На аукција џемпер и прамен од косата на Курт Кобејн

Најсреќните фанови на Курт Кобејн ќе можат да доживеат вистинска „нирвана“, доколку успеат на претстојната аукција да купат еден од двата понудени предмети, кои и припаѓале на оваа пејачка легенда.

Имено, американската аукциска куќа „Џулијенс“ на продажба стави еден џемпер и прамен од косата на фронтменот на групата „Нирвана“, за кои заинтересираните купувачи можат да лицитираат до сабота.

Според музичкото списание НМЕ, зелениот џемпер од акрил, мохер и ликра со пет копчиња од кои едно недостига, Кобејн го носел на легендарниот концерт на ЕМ-Ти-Ви Анплаџет во 1993 година.

Ова парче облека, чија почетна цена беше 20.000 долари, веќе достигна до 27.500 долари. Се проценува до сабота да надмине 60.000 долари.

Праменот е дел од косата, што вдовицата на Кобејн, Кортни Лав и го подари на стрип уметничката Дејм Дарси за да направи кукла за нивната ќерка Френсис, пак е проценет на 8.000 до 10.000 долари. 

Куќата „Џулијенс“ објасни дека праменот што се нуди на аукција е „остаток“ од косaта по уништувањето на куклата.