На Берлускони му е одредена меркa извршување општествено корисна работа

На поранешниот италијански премиер и милијардер Силвио Берлускони, судот во Милано денеска му одреди мерка извршување општествено корисна работа во траење од една година, како казна за минатогодишната пресуда во врска со затајување на данок, објавија италијанските медиуми.

Тој истовреме ќе мора да ја почитува и мерката за ограничување на движењето, што како што наведува агенцијата АФП претставува ново понижување за 77-годишниот италијански тајкун кому претходно му е одземен пратеничкиот мандат во парламентот и забрането му е да се кандидира на изборите во наредните шест години.

Италијанските медиуми пренесоа дека адвокатите на Берлускони побараа од судот да му допуштат еден ден во неделата да извршува општествено корисна работа во еден Центар за хендикепирани и стари лица во близина на неговиот имот во предградието на Милано.

Берлускони минатата година беше прогласен за виновен при затајување на данок, што се однесува на случајот со купувањето на телевизиските права на неговата бизнис империја „Медијасет“ во текот на деведесетите години минатиот век.

Поранешниот италијански премиер поштеден е од затвор поради попустливоста на тамошниот систем спрема луѓето постари од 70 години. Казната општествено корисна работа би можела дополнително да биде намалена на само девет месеци, поради добро однесување.