На БиХ и се заканува украинско сценарио?

Ако не ја сакаат Русија и на Западен Балкан, тогаш ЕУ и НАТО ќе мора да ги поддржат коренитите реформи во БиХ, тврдат аналитичарите. Во спротивно, можно е зајакнување на руското економско и воено влијание во регионот-пишува Дојче Веле.

Кризата во Украина и новите односи меѓу НАТО и Русија, би можеле да влијаат и на општествено-политичките, а особено на безбедносните прилики во БиХ. Аналитичарите оценуваат дека НАТО наскоро ќе согледа дека празнините, кои при ширењето кон истокот ги остави зад себе, можат да бидат многу проблематични. Професорот по одбрана и безбедност Неџад Ахатовиќ вели дека секоја невралгична точка на Балканот, која не е довршена во територијалната структура на НАТО, многу брзо може да прерасне во кризно жариште.

„Тоа, поради стратешкото развлекување на вкупните воени ефективи на Алијансата, во иднина би можело да претставува голема опасност. Русија би можела да ги пополни празнините кои НАТО ги остави зад себе. Контурите на руското економско присуство во Југоисточна Европа, посебно во Србија, а преку Република Српска (РС) и во БиХ, се веќе воочливи, а и рускиот претседател Путин не крие дека има свои интереси во регионот“, вели Ахатовиќ. Тој потсетува на ставовите на српските лидери во Србија и во РС, според кои Русија е добродојдена на тие простори. „Политиката на српските лидери во Србија и БиХ е јасна уште од деведесетите години и таа има свој континуитет. Таа политика е зацртана во ’Начертанија’ (програмата на српската национална политика на Илија Гарашанин од 1884 година). Се плашам дека по последните случувања во Украина и заострувањето на односите помеѓу НАТО и Русија, Руската Федерација, не само диполоматски, би го поддржала одделувањето на РС од БиХ. Таквото сценарио би било поразително за НАТО и ЕУ и би претставувало сериозна закана за мирот и стабилноста на Западниот Балкан”, вели Ахатовиќ.

Можност за зајакнување на руското влијание на западен Балкан

Ахатовиќ смета дека редефинирањето на геостратешката положба на НАТО во Југоисточна Европа е „итно потребно“. „Доколку тоа не се случи, тогаш треба да се очекува зајакнување на руското влијание во овој дел од светот. Затоа сметам дека стратешки интерес на Западот во однос на Југоисточна Европа треба да биде влезот на БиХ во НАТО. Тоа подразбира и брзи, радикални реформи внатре во БиХ, кои според принципот на одбранбените реформи од 2004 година, силно би ги поддржал и Западот”, вели Ахатовиќ за Дојче Веле.

Од друга страна пак, воено-политичкиот аналитичар Џуро Козар не е сигурен дека НАТО би требало да го забрза своето проширување на Балканот поради украинската криза, со оглед на тоа што условите за прием ги исполнува само Црна Гора. „Како тогаш на овие простори да се реализира концепт на паметна одбрана на НАТО во борбата против воените и терористичките предизвици, кога Србија е неутрална, а БиХ е на половина пат?” прашува Козар, додавајќи дека БиХ дава придонес кон партнерството со Алијансата, но се‘ уште го нема исполнето условот воениот и државниот имот да го вкнижи како имот на БиХ. “И којзнае кога тоа ќе се случи кога власта во РС тоа го одбива, а никој не ја санкционира заради тоа”, вели Козар.

„Дотогаш Русите се‘ повеќе ја капитализираат поддршката која ја имаат во Србија, а на рака им оди и одбивањето на Белград да учествува во санкциите против Москва. Со оглед на тоа што претседателот на РС, Милорад Додик, успешно ја опструира државната политика на БиХ, НАТО има голем проблем на Балканот, кој мора да го реши. Мислам дека тоа ќе биде тешко, па дури и невозможно, без поактивна улога на Американците во БиХ. Се загуби многу време во толерирањ ена деструкциите во БиХ и сега тоа се плаќа. Сметам дека борбата на одредени политички и воени струи за своја подобра геостратешка позиција на Балканот ќе биде се‘ поинтензивна”, додава Козар.

Сериозни предизвици за Западниот Балкан

Дека Западниот Балкан се наоѓа пред „сериозни предизвици“, потврдуваат и политичарите во РС. „Претседателот на националното собрание на РС, Игор Радојичиќ, предупреди дека РС, односно БиХ и Србија може да се соочат со сериозни економски и политички предизвици, со оглед на тоа што им се наметнува прашањето која страна ќе ја заземат во украинската криза“, пишува весникот „Независне новине” од Бања Лука, пренесувајќи ги ставовите на претседателот на парламентот на РС, а воедно и близок соработник на Додик, Игор Радојичиќ.

„Западните земји, поради кризата и судирот на големите интереси, сега на Балканот гледаат поинаку, односно како на некое потенцијално ново жариште во кое повторно би дошло до судир на интереси. Во тој контекст треба да се гледа на иницијативите, како што е конференцијата во Берлин, каде што се јавува нов ангажман на земјите од Западот со цел да се зајакне влијанието на Балканот, односно некој план на активности на ЕУ и Западот, а во контекст на превенција на ширењето на влијание од другата страна“, вели Радојичиќ.

Во моментов, во фокусот на северноатлантската воена алијанса НАТО е украинската криза. На штотуку завршениот самит во Њупорт, руската интервенција во Украина беше наречена „агресија”, а актуелните односи меѓу Западот и Русија, одредени медиуми ги окарактеризираа како „нов почеток на Студената војна”. Во БиХ, моќните западни трупи, денешните трупи на ЕУФОР, од почетните 60.000 се редуцирани на симболичен број, додека улогата на НАТО – штабот во Сараево, по одбранбените реформи, сега се сведува на пораката дека „НАТО има трајна посветеност кон БиХ”.