Македонија

Ја манипулираше ли Заев македонската јавност со масакрот во Смилковци На „бомбите“ снимен кошмарот на обвинетиот Азири по убиството на момчињата

На „бомбите“ снимен кошмарот на обвинетиот Азири по убиството на момчињата

Фејзи Азири, еден од шестмината обвинети за масакрот на Смилковското езеро имал кошмари по убиството на момчињата за што се пожалил на еден од функционерите на ДУИ, што било снимено во „бомбите“  на Зоран Заев, кој на родителите на настраданите им покажал транскрипт од разговорот.

Токму Азири вчера ненадејно бил хоспитализиран на Клиниката за пулмологија, еден ден пред почетокот на повторното судење за случајот „Монструм“, кој поради тоа беше одложен. Тоа предизвика револт кај родителите на убиените момчиња, па Горан Наќевски го обвини Заев дека откако склучил коалиција со ДУИ манипулира со доказите кои што можат да доведат до вистината за „Монструм“.

„Вечерва сонував еден многу лош сон како му ги врзав рацете на момчето, па плачев, па сега си велам да не се израдувам да не не го довршив тој никаквец“, стоело во транскриптотот од разговорот меѓу Азири и еден од петмината функционери на ДУИ, кои комуницирале со обвинетите, а кој го прочита Зорица Наќевска, мајка на убиениот Александар.

Децата ни ги убија во четврток вечерта, во петок ни ги донесоа, а нивните очи беа отворени. Се до саботата, додека да ги погребаме им течеа солзи. Сите тие што го извршија грозоморниот чин да се плашат од тие солзи, рече Наќевска, која побара Судот и обвинителството да ги утврдат улогите на обвинетите, дали се извршители или помагачи.

Нејзиниот сопруг, Горан, под морална и кривична одговорност побара да даде изјава пред судот, кој му дозволи да каже што мисли. Тој  побара од судот јавно да се објави чии се петте телефонски броеви кои се заведени како државна тајна, а комуницирале со сега обвинетите.

Кога бевме на една средба кај Заев рече дека ќе ни даде шест разговори кои се водат како државна тајна за шест функционери на ДУИ, но подоцна тие станаа пет. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги посочи и покажа транскриптот од разговорот меѓу Невзат Бејта и Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие пет државни тајни. Бараме претрес да се изврши во моментов во седиштето на СДСМ. Тврдам дека тие транскрипти се таму. Бараме да не соочите со премиерот Заев, дека не лажеме и не измислуваме. Стражарно приведете го, ќе го почекаме, рече Наќевски.

Судот не се изјасни за барањата на родителите на убиените деца, а судењето поради отсуство на Незири е одложено за 15 мај. Неговиот авокат, Насер Рауфи донесе потврда за хоспитализација на неговиот клиент, што ја разлути специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, според која несериозно е да се правда само со обична потврда без медицинска документација.

Случајот „Монструм“ минатиот месец го презеде СЈО, откако Врховниот суд поради пропусти во водењето на постапката ги укина пресудите со кои шестмината обвниети беа осудени на доживотен затвор. По оваа одлука, предметот е вратен на судење од почеток. Највисокиот суд ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост, односно да не смеат да го напуштат градот во којшто живеат, а имаат и обврска двапати неделно да се јават во Основниот суд Скопје 1. Меѓународните потерници за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се активни, иако тие со години се на Косово.