На чело на ОН од денеска е Гутереш

На чело на Обединетите нации денеска по двата мандата на Јужнокореецот Бан Ки-мун доаѓа португалскиот дипломат Антонио Гутереш.

Тој доаѓа на највисоката функција во Светската органзиација во момент кога светот се соочува со големи предизвици, но и во атмосфера на зајакнати сомневања дека ОН не придонесуваат за светскиот мир и безбедност, колку што тоа од нив се очекува.

Положувајќи заклетва на 12 декември, тој оцени дека ОН мораат да се подготват за промени.

– Од акутните кризи во Сирија, Јемен, Јужен Судан и во други места, до долгогодишните спорови, вклучувајќи го израелско-палестинскиот конфликт, потребно ни е посредување, арбитража и креативна дипломатија, оцени тогаш Гутереш.

Според него време е ОН да ги препознаат своите недостатоци и да се реформира начинот на нивното функционирање.

Тој исто така изрази надеж дека ќе биде постигната најдобра можна коориднација меѓу различни инстанци внатре во ОН задолжени за борба против тероризмот и оцени дека ОН мораат повеќе да вложуваат во луѓе, а помалку во бирократија.

Еден од неговите приоритети ќе биде подобрувањето на положбата на жените и на тој план веќе даде личен придонес именувајќи три жени на клучни позиции во својот тим. Тој ја именуваше нигериската министерка за екологија Амина Мохамед за своја заменичка, високата функционерка во бразилското Министерство за надворешни работи Марија Луиза Рибеиро Виоти ќе биде шеф на неговиот кабинет, а Кјунг ва Канг од Јужна Кореја ќе биде именувана на позицијата специјална советничка за политика.

Во едно од првито интервјуа, откако Генералното собрание го избра во октомври, за британската Би-Би-Си, Гутереш изјави дека негов приоритет ќе биде војната во Сирија.

– Сметам дека врвен преиоритет на меѓународната заедница е да се стави крај на таа војна, рече Гутереш.

Португалецот и пред оваа функција заземаше високи позиции во домашната и меѓународната политика.

Тој беше висок комесар на ОН за бегалци од јуни 2005 до декември 2015 година, предводејќи ја најголемата хуманитарна органзиација со околу 10 илјади вработени во 125 земји.

Претходно тој повеќе од 20 години беше дел од португалската влада и државната администрација. Премиер на Португалија беше од 1995 до 2002 година. Во периодот од 1981 година до 1983 година беше член на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Роден е во Лисабон во 1949 годинба и е инженер по струка. Течно зборува англиски, француски и шпански. Оженет е и има две деца.

Мандатот на Гутереш на позицијата генерален секретар на ОН трае пет години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.