На Чавков и уште пет пратеници ќе им се суди за тероризам

Митко Чавков, поранешен министер и прв човек на БЈБ, пратениците Крсто Мукоски, Љубен Аранудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и уште дваесетина обвинети за тероризам, поради насилството што се случи на 27 април 2017 година, наскоро ќе седнат на обвинителна клупа.

Од Кривичниот суд денеска информираа дека е донесена позитивна оцена на обвинителниот акт, по што следува и закажување на судско рочиште.

Советот за оценка на обвинителен акт при одделението за гонење организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи во оценка на обвинителниот акт со КОК ООА 10/18 поврзан со настаните од 27 април 2017 год. кои се случија во Собранието на Р.Македонија, одржа не јавна седница за оценка. По детелно разгледување на сите приговори поднесени од одбраната и обвинетите како и ценење на фактите и доказите приложени во обвинителниот акт донесе решение со кое го одобри обвинителниот акт во целост, информираат од Кривичниот суд.

Оттаму додаваат дека набрзо предметот ќе биде распределен на судечки судија, по што ќе биде закажан и термин за главна расправа.

За настаните на 27 април обвинети се 30 лица за тероризам и загрозување на уставниот порредок. Меѓу нив се и петте пратеници на ВМРО – ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Љубен Аранудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Љупчо Димовски. Обвиент е и екс директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Иако обвинението е во фаза на решавање дали ќе има судење, обвинителството се уште истражува кој го нарача насилниот упад во Собранието. Во документот кој до судот е доставен на 27 март годинава, нема нарачател. Стои само дека во организацијата на протестите главна улога имал Александар Василевски – Нинџа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.