Македонија

На Денот на пролетта ќе се садат рози

На Денот на пролетта ќе се садат рози

Денот на пролетта, 21-ви март ќе биде одбележан со национална еколошка акција „Македонија земја на цвеќето, Македонија земја на розите“, најави денеска државната секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова.  

Во соработка со општините, бизнис заедницата и невладиниот сектор масовно ќе се засадуваат садници на рози низ урбаните центри на територијатa нa цeла Македонија, по должината на булеварите, сообраќајниците и другите јавни зелени површини.

Оваа иницијатива се темели на резултатите на студија спроведена од група професори во 2002 година, со наслов “Присуство на олово и други тешки метали во животната средина во градот Скопје“, со кои се утврдило дека во цветот на розата се апсорбираат големи количества на тешки метали како олово и цинк од водата, воздухот и почвите, а се штетни по човековото здравје. Климата во Македонија е погодна за одгледување на ова цвеќе, па оттука Министерството ја постави целта да засади што е можно повеќе рози во урбаните центри, кои би имале покрај декоративна и еколошка димензија.

Акцијата е продолжение на минатогодишната кампања „Скопје град на цвеќето, град на белата роза“, со која беа засадени 23.000 рози по булеварите во главниот град, а годинава со одлука на Владата на РМ се проширува низ сите градови во земјата.

Покрај масовното засадување на 21 март, планирани се и низа други активности за мотивирање на граѓаните да се вклучат во акцијата. Во текот на месец март училиштата во своите наставни програми ќе внесат и предавања и креативни работилници на тема роза на самите часови, чии производи ќе бидат презентирани на локални изложби со цел собирање средства за купување садници за дворовите на училиштата. Најдобрите творби ќе учествуваат на национален конкурс и ќе бидат наградени.

Во оваа прилика, во свое име и во име на Министерството, Лепиткова ги повика сите граѓани да го дадат својот придонес со самостојно посадување рози на своите прозорци, балкони и дворови за да си го подобриме амбиентот на живеењето.