На Детска хирургија извршени сложени кардиохирушки интервенции врз 11 бебиња

Единаесет сложени кардиохирушки интервенции се извршени во последните 10 дена на Детска хирургија врз деца на возраст под шест месеци со просечна телесна тежина од три килограми. Интервенциите во траење од 11 до 14 часа ги изврши тим американски доктори заедно со македонски доктори.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Детската хирургија, каде се сретна со тимот кој ги изврши интервенциите.

– Она што не прави задоволни е тоа што 40 до 50 проценти од овие случаи се завршени комплетно од наши тимови само со набљудување од страна на тимот американски доктори, што значи дека и нашите доктори веќе се одлично подготвени и за најсложените кардиохирушки интервенции. Морталитетот на Клиниката е под европскиот просек што ја става детската кардиохирургија на едно многу високо ниво на квалитет, рече Тодоров.

Посочи дека морталитетот е нешто над три проценти, што е одлично во споредба со сите останати вакви центри во Европа, но и во светот.

Се заблагодари на американскиот тим доктори кој сериозно помага да се развие детската кардиохирургија во Македонија и изрази очекување дека детската кардиохирургија многу скоро ќе може и комплетно да се осамостои.

– Тие секогаш ќе бидат наши пријатели. Нашата интенција е што е можно поголем број од интервенциите да се вршат од страна на македонските хирурзи, додаде Тодоров.

Американскиот детски кардиохирург Вилијам Новик истакна дека стапката на морталитет е 3,8 проценти, што е под европскиот просек оваа година. Посочи дека детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски извршил 40 отсто од операциите.

– Целиот план се одвива во вистинска насока. Една од работите што Министерството ги побара од нас за оваа година е да вршиме скрининг на новороденчињата за да може да бидат трансферирани тука во Скопје за да се избегнат понатамошни компликации. Оваа година ќе работиме поинтензивно, додаде Новик.

Владимир Чадиковски, детски кардиохирург од Клиниката за детска хирургија истакна дека станува збор за 15 мисија која ја работат со американскиот тим доктори.

– Во меѓувреме имаме дополнување на проектот со тоа што меѓу мисиите доаѓаат наши колеги и блиски пријатели од Институтот за мајка и дете од Белград, со интенција веќе ниту едно дете да не се испраќа во странство, значи сите деца можеме да ги згрижиме. Задоволен сум со тимската работа која се одвива во операционата сала. Веќе на секоја позиција сме покриени со по двајца експерти од областа. Во однос на динамиката за пет години од кога започнавме мислам дека 70 отсто од патологијата самостојно ќе ја извршуваме, истакна Чадиковски.

Во однос на морталитетот, појасни дека се движат во границите кои се дозволиви и кои навистина ги прави горди дека она плато на учење веќе го надминале, да можат навистина да се пофалат дека имаат добри резултати. Додаде дека тимската работа и во интензивната нега на Клиниката за детска хирургија се екипира.