ТОП,Македонија

На есен ќе почне изградбата на студентските домови во Скопје и Тетово

На есен ќе почне изградбата на студентските домови во Скопје и Тетово

Петнаесет понуди се пристигнати на огласот објавен од страна на Владата за изградба на двата студентски домови во земјава, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска обраќајки се на одбележувањето на 25-годишнината на Унијата на млади сили на партијата.

Би го спомнал и најважното – одлуката која Владата ја донесе за изградба на три целосно нови студентски домови во земјата, од кои за два, во вредност од 5 милиони евра – еден во Скопје на местото на Медицинар и еден во Тетово за потребите на тамошниот државен универзитет, се објави тендер за градба и веќе се пристигнати 15тина понуди и во тек е нивна евалуација, по што ќе се направи избор на најповолните понудувачи, односно идни изведувачи на градежните работи, по што по завршување на летото, ќе започне нивната градба, рече Груевски

Тој додаде дека за третиот студентски дом, кај СЦ Борис Трајковски, следниот месец општината Карпош треба да го усвои дупот, по што ќе почне фазата на проектирање.

Информира дека во следните неколку денови ќе биде објавен тендер за избор на фирма за набавка на перални и сушални во сите државни студентски домови, со која ќе биде склучен договор најдоцна во септември 2016 година. Државните студентски домови најдоцна до декември 2016 ќе извршат адаптација на простор за инсталирање на пералните и сушалните.

Посочи дека во тек е реализација на втората фаза од целосната реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев, која треба да заврши во 2017 година.

Минатата година беше реализирана првата фаза – реконструкција на блок Б за што се инвестираа 90 милиони денари за замена на вратите, прозорците, подовите, електричната и водоводната инсталација, системот за парно греење, и комплетно нова опрема во сите соби. Сега во тек е реконструкцијата на блок А. И во оваа фаза, која е 50 отсто реализирана, ќе се инвестираат 90 милиони денари. Потоа следни за реконструкција ќе бидат блоковите В и Г, како и партерот и мензата, истакна Груевски и додаде дека е спроведена и постапка за набавка на нови лифтови во сите студентски домови и оти избраната компанија веќе започна со достава и монтажа.

Потсети дека се превземаат активности  за реализација на проектот за вработување на најдобрите сто студенти од државните универзитети, дека во завршна фаза е изготвувањето на проектната програма за возобновување на објектот на поранешната учителската школа во Скопје, каде ќе се сместат образовни институции. Проектната програма МОН во следните денови ќе ја достави до Службата за заедничкии општи работи која, потоа ќе објави тендер за изработка на проект и ќе треба да избере фирма изведувач, и да почне да се гради наредната година.