На Инфективна клиника 16 хоспитализирани од жолтица

На Клиниката за инфективни заболувања во моментов има 16 хоспитализирани пациенти болни од заразна жолтица, или хепатит А. Хоспитализираните се со добра клиничка слика. Викендов бил примен уште еден пациент со сиптоми на жолтица, но се чека серолошка потврда. Во моментов не постои епидемиолошка поврзаност на случаите, ниту пак може да се каже дека има поголем број случаи отколку што тоа било во некои изминати години, изјави денеска заменик-директорката на Клиниката за инфективни болести Снежана Стојковска.

Таа истакна дека заболените се на различна возраст, од деца на 5 до 6 годишна возраст, до пациенти стари до 46 години. Сепак, додаде, доминираат заболените околу 20 годишна возраст.

– Генерално нема некаква епидемиолошка поврзаност, освен кај децата на најмала возраст. Со појавата на заболување кај еден член на семејството има и појава и кај другите членови, рече Стојковска.

Појасни дека со оглед на фактот што заболувањето се јавува во средини со полоши хигиенски услови заболените се хоспитализираат и се издвојуваат за да се спречи натамошно ширење.

Таа потврди дека во последниве неколку месеци има зголемување на бројот на заболени од почетокот на годинава, но потенцира дека тоа не е ништо што не се случувало и во минатите години.

– Од почетокот на годинава имавме еден, два па три пациенти. Последните месеци се зголемува од 7, 11, 14… така што вистинската бројка ќе се види во наредните месеци. Кога се работи за хепатит А како и сите други заразни заболувања и овде се јавива една циклучност во појавата. На пет до шест години има циклуси на значително зголемување на бројот на појавноста на заболувањето. На пример во 2009 година имало 200 болни, рече Стојковска.

Посочи дека засега не може да се каже оти постои одреден извор бидејќи заболувањето се јавува во повеќе општини и нема никаква докажана причинско последична поврзаност со одреден возраст или популација.

Стојковска потенцира дека добрата работа кај ова заболување е тоа што таа по правило нема тешки манифестации и не остава тешки последици по здравјето. Иако болеста предизвикува големо оштетување на црниот дроб, со добро лекување тој брзо се регенерира и опоравува.