Македонија

На иницијатива на Маја Иванова, донирана опрема на КАРИЛ

На иницијатива на Маја Иванова, донирана опрема на КАРИЛ

Над 50.000 евра чини донацијата на Државата Катар во кревети и медицинска опрема што денеска беше презентирана на Клиниката за анестезија, реанимација и интезивно лекување – КАРИЛ во Скопје.

Донацијата, прва на клиниката по повеќе од 20 години, е обезбедена по иницијатива на сопругата на Претседателот на Република Македонија, Маја Иванова и нејзините лични контакти со Шеика Мозах, мајката на Емирот од Катар, Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани.

008„Сето ова произлезе од посетата на мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, на државата Катар, кадешто имав можност да се сретнам со Нејзиното височество, Шеиката Мозах и да размениме мислење околу активностите што ги имаме двете во нашите земји. И ги презентирав моите активности за поддршка на децата, посебно на децата со посебни потреби и аутизам, и севкупно во областа на здравството. И ги презентирав и големите владини проекти во областа на здравството, но и желбата и идеите и плановите што ги имам, на некој начин да помогнам во она што значи поддршка за подобрување на здравството на сите пациенти во нашите клиники. Оттаму произлезе и оваа поддршка“, изјави Иванова.

Директорот на Ургентниот центар, д-р Реџеп Селмани изрази благодарност за донацијата од Државата Катар, посочувајќи дека таа е прва по подолг период.

„Добивме една вредна донација. Нашата институција се докомплетира со една софистицирана опрема која ќе ни користи многу за да пружиме квалитетна здравствена заштита“, изјави д-р Селмани.

Катарскиот амбасадор, Хасан Бин Абдула Заид Ал-Махмуд, посочи дека донацијата е доказ за длабочината на катарско-македонските односи.

„Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, за нејзините хумани активности за Ургентниот центар во Скопје. На народот на Република Македонија им посакувам многу здравје и просперитет“, изјави катарскиот амбасадор.