На изборите во Косово кандидат и Македонец од Гора

На локалните избори,што денеска се одржуваат во Косово, во општина Драгаш свој кандидат за градоначалник и советничка листа, учествува и партијата на Македонците од Гора „Единствена горанска партија“ – пишува електронското издание на македонскиот весник „Илинден“ од Тирана.

„Кандидат за градоначалник на општина Драгаш е Адмир Шола. На листата за советници се 16 кандидати, од нив четири жени, од разни делови на целата област Гора. Станува збор за млади и вредни луѓе, кои се залагаат за подобрување на состојбата во секој поглед во областа Гора“, вели Адем Хоџа, лидер на партијата и актуелен пратеник во косовскиот парламент.

Мотото на партијата е „Ние сме тука, сила за промена“. Хоџа посака изборите да минат во фер и демократска атмосефра а заложбите на партијата се за, како што вели, поубава, поправедна и похумана Гора.

Во областа Гора во падините на Шар Планина распослани се 18 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед познати под името Горанци, кои говорат македонски јазик.